Аналитичари за тв 24: Владата ќе биде нестабилна, кој и да ја направи
Foto

Аналитичари за тв 24: Владата ќе биде нестабилна, кој и да ја направи

Македонија ја очекува нестабилна влада која кратко ќе трае, без разлика кој ќе ја формира, порачуваат аналитичарите. Навидум шаховските потези на политичките лидери, засега се само предигра пред вистинското ставање на картите на маса. 

Од друга страна седењето на Ахмети на две столчиња за одлука, му остава простор за маневрирање во изборот, а токму тоа е вистинската работа која тој ја сака во моментот, велат експертите. 

- Неговата намера е да ги зацврсти позициите. Ако се определи само за СДСМ, тоа ќе значи дека се губи капацитетот за коалицирање со ВМРО ДПМНЕ и на тој начин таа политичка цена ќе ја плати ДУИ. Но фактот што секој со секого комуницира и секој со секого преговара, тоа се првични обиди за да се позиционираат, за да имаат посилни позиции во преговарачкиот процес, затоа што сметам дека реалните преговори ќе бидат после добивањето на мандатот. - вели Џелал Незири.

Засега Ахмети ги тестира двајцата лидери на македонските парти и игра на картата, албанец премиер, но сепак треба да биде јасно дека реалните преговори ќе бидат 20 дена по доделувањето на мандатот. 

Од друга страна, начинот на пазарење помеѓу политичките партии е толку усовршен, па влегуваат со големи влогови и прават потези од 180 степени назад, сите комбинации се можни, а секоја средба може да донесе позиција во новата Влада. 

Аналитичарот Љупчо Петковски смета дека, поради националистичката реторика на ВМРО-ДПМНЕ поголеми се шансите на страна на СДСМ, но да не занемари и пост изборното оградување на ВМРО ДПМНЕ од наследството кое што си го носат во изминатата декада. 

Сепак она што доминира овој период е незрелоста која ја презентираат партиите, мислејки само на сопствените калкулации без да размислат, дека земјата ја очекува  поголем период на криза, вели Петковски. 

 – Треба да се седне, милијардата ќе заврши, не е ни битно кој ќе биде на власт, битно е да седнат и да се договорат и да видиме како од оваа криза ќе излеземе. Следната Влада ќе биде влада на кризен менаџмент. Никој од овие политички партии нема понудено политички капитал за да не увери дека добро ќе се бави со кризниот менаџмент кој што е неминовен. - вели Петковски.

И додека париите собираат и одзимаат собраниски мандати, воопшто не приметуваат дека Македонија се соочува со пад на легитимитетот на политичките партии. Според познавачите нивните ветувања веќе не допираат до голем дел од граѓанството, затоа и излезноста на изборите е мала, а тоа е проблем, за кој никој не зборува.

0 Коментари

Остави коментари