Анѓушев: Транс-анадолскиот гасовод дава конкурентни цени на природен гас
Foto

Анѓушев: Транс-анадолскиот гасовод дава конкурентни цени на природен гас

Транс-анадолскиот гасовод (ТАНАП) денеска официјално започна да пренесува гас до европскиот дел од јужниот гасен коридор на турско-грчката граница.

На официјалното пуштање во употреба на гасоводниот систем, денеска на локацијата Ипсала/Едрене во близина на граничниот премин помеѓу Република Грција и Република Турција, присуствуваа и вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Националните енергетски ресурси Бајрам Реџепи.

Анѓушев, како што информираат од неговиот кабинет, по завршување на свеченоста изјави дека овој гасовод, првично е проектиран со цел Република Турција да се снабдува со природен гас од Азербејџан, за да потоа тој проект се доразвие со цел и јужниот дел од Европа да се снабдува со природен гас од наоѓалиштата во Каспиското море.

– Овој гасовод е важен и за Република Северна Македонија, бидејќи тој во делот на Грција продолжува во таканаречениот ТАП, (Транс-јадрански гасовод/Trans Adriatic Pipeline).  Проектот кој што го имаме развиено за гасно поврзување со Република Грција би требало практично да црпи резерви на гас и од овој гасовод. Оваа гасна магистрала за нас е од исклучителна важност заради тоа што дава конкурентни цени на природен гас и нуди дополнителна алтернатива во снабдувањето со гас, кој моментално го набавуваме преку една гасоводна цевка. Во енергетиката секогаш е многу важно да имате сигурност на снабдување, сигурноста се добива доколку имаме повеќе извори на снабдување, а исто така е многу важна и конукрентноста, бидејќи на тој начин се влијае и на цената на гасот, односно можност за поевтин енергенс за граѓаните. Во февруари 2020 година, планиран е состанок во Баку, на којшто треба секоја од државите да изрази подготвеност односно предвидување која количина на гас ќе има за потреба за потрошувачка. Во моментот ТАНАП има капацитет за пренос од десет милијарди кубици гас годишно, со можност да се покачат на 16 милијарди кубици и потоа до 32 милјарди кубици гас годишно, што е крајната цел, нагласи Анѓушев.

ТАНАП минува од турската граница со Груција, почнувајќи во турското село Туркгозу во областа Пософ во Ардахан, низ 20 провинции до грчката граница во областа Ипсала, Едрене.

Од оваа точка, ТАНАП се поврзува со ТАП гасоводот за пренос на природен гас до европските нации. 

0 Коментари

Остави коментари