АМНЕСТИЈАТА ЗА 27 АПРИЛ УТРЕ НА УСТАВЕН
Foto

АМНЕСТИЈАТА ЗА 27 АПРИЛ УТРЕ НА УСТАВЕН

Дали амнестијата за дел од обвинетите за настаните од 27 април во 2017 година ќе падне и дали амнестираните може повторно да се најдат во судница? Одговорот на ова прашање треба да се знае утре за кога е закажана седница на Уставниот суд кој меѓу другото ќе расправа и за иницијативата за оценување на уставноста на дел од Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година.

Според извори од судот, ако Законот за амнестија се прогласи за неуставен тогаш ќе биде поведена постапка со која законот или ќе биде укинат или ќе биде поништен.

Ако биде укинат тоа значи дека амнестијата за настаните од 27 април останува но во иднина нема да има амнестија за оние кои ќе направат исто или слично кривично дело Ако биде поништен тоа значи дека амнестијата паѓа а на амнестираните ќе треба повторно да им се суди.

Подносител на иницијативата за оценување на делови од овој закон е поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков кој беше осуден на 18 години казна затвор, дознава ТВ 24.

Чавков смета дека дел од одредбите кои го ограничуваат важењето на Законот за амнестија за одредени кривични дела и определени луѓе се во спротивност со Уставот на Република Македонија. Според него неуставно, незаконски и дискриминирачки е и тоа што во текот на судската постапка за настаните од 27 април 2017 година, од повеќе обвинети луѓе, амнестија добија само 20 од нив и тоа по самостојна оцена на судот, а по претходно прибавено мислење од надлежниот јавен обвинител.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на ставот дека се против секој чин на насилство, на криминал и напад врз нечиј живот. Сепак, вели генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, ВМРО-ДПМНЕ бара неселективно спроведување на правдата.

„Исто така сметаме дека сите оние осудени и оние за кои се водеше постапка за тероризам се неосновани и дека се хајка против тие луѓе. Ако тие луѓе навистина се огрешиле од законот тогаш треба да одговараат во рамките на она што го направиле а не да овој начин да се сатанизираат луѓето“ - Игор Јанушев.

Во иницијативата не пишува дали со неа се бара амнестија за сите осудени и обвинети или да се укине за досегашните амнестирани, со што судењето за нив ќе треба да се повтори. Иако опозицијата бараше целосна амнестија за „крвавиот четврток“, со законот беа амнестирани само обвинетите кои не се идентификувани како организатори или директни учесници во насилствата во Собранието.

Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ вчера рече дека иницијативата на Чавков не ги засега пратениците кои гласале за уставните измени.

По барање на Уставниот суд, иницијативата ја разгледувала и Владата уште во јули годинава и на судот му предложи да го отфрли барањето на Чавков за оценување на уставноста на Законот за амнестија за 27 април со образложение дека оспорените членови од законот не се спротивни на Уставот на Република Македонија.

За настаните од 27 април 2017 година од 33 обвинети и осудени 15 беа амнестирани. Меѓу нив и пратениците, Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов кои потоа гласаа за уставните измени и промена на името. Амнестирани беа и Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски кои беа водачи на протестите на „За заедничка Македонија“. Игор Дурловски пак не поднесе барање за амнестија и доби ослободителна пресуда.

0 Коментари

Остави коментари