Американската ДЕА потврди дека учествува во акциите со македонското МВР

Американската агенција за сузбивање на нарккотици  по акцијата „Марихуана“ објави дека ќе продолжи со поддршката на Македонија во детектирање, спречување и ликвидација на организациите кои се занимаваат со тргување со дрога. 

„Службеници на агенцијата се вклучени во истрагата на МВР и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција околу заплената на 200 килограми марихуана во петокот од страна на полицијата. Пазарната вредност на запленетото наркотично средство на црниот пазар е речиси еден милион долари.“ - велат од ДЕА. 

По акцијата притворени се 6 лица, а две компании за производство на марихуана за медицински цели се инволвирани. Случајот отвори низа прашања на кои се чека одговор од истрагата. Разузнавачот Александар Диневски во емисијата 24 анализа вели дека откако Македонија влезе во НАТО ваквите истраги  се интензивираа.

Партиските препукувања меѓу власта и опозицијата за оваа акција и денеска не стивнуваат.   ВМРО-ДПМНЕ тврди дека лицето кое е осомничено и соработувало со компаниите е Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, а според опозициската партија марихуана тргнала од фирма во Битола која се поврзувала директно со фамилијата на премиерот.  Според опозицикста партија Кире Спиркоски Чипсио, началник на полициска станица Прилеп кој е еден од уапсените, е одраз на она што во моментов е раководството на МВР.

„Кире Чипсио беше најревносен во штитењето на партиските политики на изминативе години во Прилеп, партиските политики на СДСМ и сериозно одработуваше и во периодот на изборните процеси за политичката партија СДСМ. Тоа е јавна тајна во Прилеп, тоа е јавна тајна во МВР, тоа го знаат сите. Одговорност за целиот случај мора да има, оставки мора да има. Оливер Спасовски ниту е кредибилен министер повеќе, ниту пак има повеќе политички и морален кредибилитет да раководи со полицијата.“ - изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ пак сложените акции каде се уапсени и вработени од МВР се силна потврда за професионалноста и ефикасноста на полицијата во спречување незаконско дејствување.

„За разлика од времето на режимот кога од белиот дворец се нарачуваа и пишуваа судски пресуди кон неистомисленици, додека лица од врвот на ВМРО-ДПМНЕ непречено тераа криминални зделки, за разлика од времето кога Министерството за внатрешни работи беше претворено во кол-центар на ВМРО-ДПМНЕ, денес институциите работат професионално, независно и постапуваат неселективно кон секое прекршување на законите.“ - велат од СДСМ.

Од ДЕА засега не сакаат да коментираат за текот на истрагата и осомничените лица вклучени во организацијата нанеовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.