Амбасадорот Гир со организација на свеченост, ги потсети институциите да ја санираат централната пошта
„ Шалтер салата на Централната пошта во Скопје во листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021 година“
Проткаена колективна меморија, особено на Скопјани, завиена во црнила која на европско тло е препознатлива руина со високо естетска бруталистичка архитектура. Шалтер салата на Пошта дава можности на Европа да ја препознае негрижата кон наследството со кое рапсолага Македонија. И по 10 години од пожарот, Централната пошта е извонреден симбол на градот Скопје, кој ја претставува ерата на постеземјотресната обнова и подемот на брутализмот.
Алармот за итната потреба за реставрација на зградата го вклучи евроамбасадорот Дејвид Гир кој преку зборовите на францускиот филозоф, Жан Пол Сартр вели дека Пошта не прифаќа пораз а ниту ние, нагласувајќи ја важноста за итна акција со цел да се зачува оваа историска градба.
„Денес стоиме овде во Пошта, веројатно најзначајниот пример на бруталистичка уметност; естетика што го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје. Да се потсетиме на културното наследство што треба да се заштити и негува. Денес, Пошта сè уште нема покрив и сѐ поголем е ризикот повеќе да не се користи и да се распадне. Сепак, Пошта, да ги употребиме зборовите на Сартр, не прифаќа пораз! Ниту ние. Решивме да го одбележиме четвртиот роденден на Europe House токму тука. На Денот на ослободувањето на Скопје.“, вели евроамбасадор, Дејвид Гир.
Шалтер салата на Пошта ја заслужува својата автентичност и треба да се зачува, вели директорката Бујаре Абази која додава дека тие немаат пари за било каков зафат. Потенцира дека Доколку Владата или Министерството за култура пројави интерес како директорка е подготвена да прифати Владина одлука со која Шалтер салата на Пошта би можело да се претвори во мултифункционален центар бидејќи како таков е од особено наследство кое не смее да за запостави.
Молк од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, а молчат и од Влада по однос на прашањето дали планираат да преземат некакви чекори за да за зачува тоа што сега Шалтер салата е во листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа.
Номинацијата на зградата на централната пошта била поднесена од Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) а поддржана од АД Пошти, како и од Министерството за култура за што тимот апликанти добива 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе кон зачувување. Според проценките на дел од експертите со кои порагозваравме, за заштита, реконструкција и ставање во употреба на Шалтер салата на Пошта би биле потребни од 5 до 10 милиони евра.
Овој импозантен и извонреден пример на високо експресивна и скултурна архитектура од 20 век е од витално значење за висуелзниот и симболичен бруталистички архитектонски пејсаж на градот Скопје. Како таков е од витално значење и за наследството на Европа и пошироко.