Амбасадорката Руси Поповска во посета на Пловдив: Постои интерес за проширување на економските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија

Амбасадорката на земјава во Бугарија, Агнеза Руси Поповска го посети бугарскиот град Пловдив, каде со пловдивскиот заменик-градоначалник Стефан Стојанов разговараше за можностите за проширување на трговско-економските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Како што јавија бугарските медиуми, Руси Поповска на средбата потсетила дека во 2022 година трговската размена меѓу двете земји надмина милијарда евра и изрази уверување дека оваа соработка може да се прошири.

– Пловдив е пример како еден град треба економски да се развива. Мислам дека можеме многу да научиме од вашето искуство, изјавила амбасадорката Руси Поповска.

Заменик-градоначалникот Стојанов, од своја страна, потенцирал дека македонскиот пазар е атрактивен за бугарските компании и има потенцијал за зголемување на инвестициите, поканувајќи ја Руси Поповска заедно да организираат бизнис форум во Пловдив со учество на компании од двете земји, со цел продлабочување на трговските односи.

Амбасадорката оценила дека одржувањето на ваков бизнис форум би бил корисен за двете држави, нагласувајќи дека во земјава постои интерес за соработка со бугарски компании.

Во реонот на Пловдив се наоѓа економската зона „Тракија“ во која функционираат над 200 средни и големи бугарски и меѓународни компании.