Амандманска расправа за измените на Кривичниот законик во матичната комисија

Препукувања, спротивставени ставови, но и многу одбиени амандмани имаше на денешната расправа за измените во Кривичниот законик во матичната Комисија.Пратениците на СДСМ поднесоа повеќе амандмани и побараа менување на членот 353- Злоупотреба на службената положба и овластување и враќање на решението пред измените на Кривичниот законик од 2023 година. 

Од ВМРО-ДПМНЕ пак реагираа на амандманите на СДСМ, обвинувајќи ја опозицијата за лицемерие и политичко глумење. „Ќе има одговорност за секој што ќе се огреши пред законот“, децидни се од владејачката партија.

 Секогаш членот 353 е поле за препирање помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, констатираше пратеничката од Левица, Јована Мојсоска. Според неа, очигледно се работи за само уште една фарса и тенденцијата на неказнување и 30 години амнестија ќе продолжи и со овие предлог измени. 

На денешната амандманска расправа во Комисијата за политички систем, посветена на новиот Кривичен законик, и претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, поднесе амандман со кој се бара воспоставување поефикасна и построга правна рамка за борба против корупцијата во јавниот сектор.  

Инаку, Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик е поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, со новите измени ќе се отстранат идни евентуални штетни последици од донесените законски измени на Кривичниот законик во септември 2023тата година.