Алтернатива за утре ја одложи одлуката за влез во Влада
За утре ја одложи седницата на централниот совет партијата Алтернатива на која треба да одлучува дали ќе биде дел од Владата. Седницата првично беше планирана за вечерва. Од партијата појаснуваат дека одложувањето се должи на тоа што денес ќе бидат погребите на 45-те настрадани луѓе во сообраќајната несреќа во Бугарија.
Седницата на Централниот совет на Алтернатива ќе се одржи в сабота во 18 часот во партиското седиште во Тетово.
Лидерот на партијата Африм Гаши досега имаше три средби со претседателот на СДСМ Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на нивните четворица пратеници. Извори од владејачката партија велат дека најдоцна до понеделник, уште една средба меѓу двајцата лидери сигурно ќе има. Инаку по трите средби и од двете партии излегоа со соопштение дека на средбите се разговарало само за програмските определби и за тоа како власта ќе се справи со енергетската и здравствената криза, сега велат партиски извори, и официјално ќе почнат преговорите за поделба на функциите.
Се' ќе зависи дали Заев ќе го жртвува актуелниот министер за здравство Венко Филипче а на негово место да седне фаворитот на Алтернатива, генералниот секретар на партијата, Беким Сали. Ако се случи тоа, тогаш, велат неофицијално нашите извори, алтернативците можно е да попуштат за министерствата за транспорт и врски, за труд и социјала како и за министерството за земјоделство или министерствата за образование и она за култура.
Сепак, партијата на Африм Гаши не отстапува од намерата да земе две министерски, три заменички-министерски места и стотна други вработувања во пониските ешалони од власта. Неофицијалните информации говорат дека иако за Заев, Сали е прифатлив за нов министер за здравство сепак по консултациите со ДУИ сега името на генералниот секретар на Алтернатива се проблематизира затоа што, како што велат извори за ТВ 24 тој како кандидат за градоначалник на Чаир на последните локални избори изгуби токму од кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу.

