„Алта банка“ во Битола од утре ќе исплаќа готовина, приоритет граѓаните кои немаат платежни картички

Од утре започнува исплатата на готовински средства за клиентите на „Алта банка“ Битола кои немаат платежни картички. На новоотворените шалтери во битолската филијала, граѓаните главно пензионери и приматели на социјална помош ќе можат да подигнат максимум до 20.000 денари во период од две недели.Исплатата ќе се одвива строго по распоред, а граѓаните за нивниот точно определен термин ќе бидат известени преку СМС-порака.

,,Од 6 ноември, вклучително и сабота 7 ми, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти. Ги замолуваме граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани и пред времето за кое се повикани на конкретниот ден за да се избегнат гужви и подолго чекање.За оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина и нема да се вршат други видови трансакции.- информираат од НБРМ.

Во меѓувреме освен финансискиот сектор случувањата со "Алта Банка" продолжуваат да ја тресат и политичката сцена.Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска побара оставка од гувернерот на Народната банка Славески, обвинувајќи за системски пропуст во контролните механизми.

Реагираат и од Левица од каде посочуваат дека низ раководните и надзорните структури на банката низ годините дефилирале политичари и функционери од сите гарнитури.

,,Поранешниот генерален секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, бил претседател на Надзорниот одбор на тогашната Стопанска банка Битола, а во 2025 година членувал и поранешниот министер Антони Пешев.​„Особено внимание заслужува Стевчо Јолакоски (баџанакот на Тошковски), кој бил член на Надзорниот одбор во 2025 година кога се реализирало преземањето од српската АЛТА банка.“​„Во кадровската хронологија е и Маја Кадиевска-Војновиќ, поранешна членка на ИК на ДПМНЕ и поранешна вицегувернерка, ангажирана како советничка за стратешки работи на Управниот одбор.“​„Во раководството се појавува и Лидија Неделкова, поранешна претседателка на Врховниот суд, како директорка на Секторот за правни работи.“​„Тука се и Марјан Закев, директор за ИТ, кој се споменува со врски со деловниот круг на Мијалков и Камчев, како и Наташа Савова, директорка за маркетинг и поранешна пратеничка на СДСМ.“ - стои во партиското соопштение на Левица.

​Во меѓувреме,кај нас нема информација за отворена истрага за уапсениот сопственик Давор Мацура а за тоа дали тој изминатиот период престојувал во земјава министерот за внатрешни работи  Тошковски не даде директен одговор.

Паралелно со исплатата на граѓаните, тече и тридневниот рок во кој српската „Алта банка“ треба да се изјасни дали сама ќе ги понуди на продажба акциите од битолската банка. Доколку сопственикот не покрене продажба, Народната банка по 10 дена сама ќе ги понуди акциите на Македонската берза, каде што, според гувернерот Славески, веќе има интерес од домашни и странски инвеститори.