Алиу тврди дека ги доставил документите до ОЈО за случајот со операциите за срце
Министерот за здравство во заминување, Азир Алиу потврди дека од нивна страна завршен е процесот за случајот со извршените непотребни операции на срце. Алиу рече дека извештаите се доставени до надлежните институции.
Изминатиов период, министерството за здравство, формираше комисија од домашни експерти која утврди десет сомнителни случаи на операции на срце, а странската комисија потврди неправилности кај девет од вкупно анализирани 13 случаи на кардиохируршки операции кај пациенти.
Азир Алиу-министер за здравство
„Заврши процедурата на министерството за здравство. Помина на затворена владина седница. Имаме писмо дека тоа е поминато. Брифирани се сите министри, знаат за што се работи. Информирани се и доставени се материјалите до понатамошни институции кои треба да се занимаваат. Освен клиничките моменти, тука се и финансиските, здравствените моменти. Ценам дека, понатаму ако има потреба од дополнителни информации-министерството и новиот министер ќе ги даде. Бидејќи нели таа е двонасочна комуникација помеѓу надворешните институции кои се веќе надлежни да формираат предмет и министерството за здравство кое треба дополнително да информира доколку е неопходно.“
Истрагата на здравствените власти почна откако кардиологот Сашко Кедев лани јавно изјави дека дел од операциите биле правени во приватни болници за профит без медицинска индикација – нешто што сега треба да го потврдат надлежните органи.
На последната средба со новинарите, министерот во заминување Азир Алиу, на прашање посочи дека во мандат од 13 месеци направени се многу работи, петнаесет закони се работат, дел се поминати, остатокот се во тек. Алиу рече, за жал не се успеало во поврзувањето на здравствените системи со финансискиот момент. Според него, клучен момент е граѓанинот да го следи процесот како здравствена услуга со финансикиот момент и да може граѓанинот да бира дали сака да ја земе услугата во јавна или приватна здравствена установа затоа што фондот се обезбедува од средства на граѓаните. Со тоа граѓаните треба да имаат слобода да бираат помеѓу една или друга институција.

