Албанија ги стартуваше преговорите, Рама слави за него и жали за Македонија

Албанија ги стартува преговорите со ЕУ, Рама слави за Тирана и жали за Скопје - и порача на Бугарија дека стои зад секој негов искажан збор за неправдите кон Македонија.

На официјално отворање на преговорите на Албанија по кластери во Луксембург, Еди Рама прво му се заблагодари на Путин - затоа што поради него има забрзување на процесот на проширување, а потоа порача дека ЕУ многу често е неправедна, но за Албанија нема друга иднина освен европската и сите други алтернативи се само друг вид на ноќна мора.

Додека слави за Тирана, Рама изјави и дека е засрамен за понижувањата кон Скопје: Кога зборувам за нашите понижувања, зашто три пати по ред бевме одбивани за почеток на пристапните преговори, се чувствувам засрамено кога ќе помислам на понижувањата на Северна Македонија. Тие го сменија името за да можат да започнат преговори.

На прашање на бугарски новинар - сега откако е разделен пакетот Скопје - Тирана, дали албанскиот премиер Рама смета дека е во право што ја нападнал Бугарија за блокадата врз Македонија, Рама одговори дека правењето билатерализација на процесот на проширување е болна работа

- Различни ставови за тоа која мајка била на нашите херои и со кого водела љубов и кој бил нивниот идентитет во тоа време и со кого биле роднини во тоа време, кога одлучувале да водат љубов, се навистина многу интересни теми за историчарите, но не мислам дека се дел од она што не поврзува да станеме дел од она што не поврзува да станеме дел од ЕУ, изјави Еди Рама

Дали постои шанса да се стават повторно во ист пакет Макеоднија и Албанија, еврокомесарот во заминување Оливер Вархеји порача: Ова не е ново дека Албанија оди сама, по процесот заснован на заслуги, а истото зависи и за Северна Македонија. А спојувањето на земјите кандидати една со друга, би значело дека правиме компромиси или дозволуваме да се направат компромиси кај принципот на заслуги, а тоа е еден од темелите на Копенхашките критериуми.

А шефот на унгарската дипломатија Сијарто не одоговори што ќе направи официјална Будимпешта додека претседава со ЕУ, за да ги стави повторно во ист пакет Скопје и Тирана. Кратко прокоментира дека Албанија заслужила преговори, и дека верува дека Македонија ќе заслужи да ги почне преговорите. Сијарто не заборави да ја искритикува повторно ЕУ.

- Ако треба да ја именувам областа каде што лицемерието е на врвот во ЕУ, тогаш тоа дефинитивно е проширувањето, затоа што ги слушам моите колеги што зборуваат пред публика и што зборуваат меѓу нас 27те, изјави Петр Сијарто МНР на Унгарија.

Скопје и Тирана беа ставени во ист политички пакет за преговори со ЕУ, но откако Македонија не ги изгласа уставните измени, пред 10 тина дена - ЕУ едногласно даде зелено светло за Тирана сама да продолжи кон Унијата.

Двете држави на 19ти јули 2022 година со многу оптимизам го стартуваа првиот чекор од европскиот пат, но две години подоцна Макеоднија остана со празна лажичка од колачот кој се пресече во Брисел.