Аларм: Детското питачење организирана шема во Охрид и Струга, откриена и сексуална експлоатација на девојчиња

Детското питачење во Охрид и Струга не е социјален проблем, туку сурова и организирана шема . Во Охрид во моментов се евидентирани меѓу 20 и 30 питачи, а во Струга меѓу 15 и 30. Меѓу нив има новороденчиња, но и деца до 15 години велат од невладината "Градиме Иднина".

Шокантните сознанија на терен откриваат уште поцрна слика – девојчиња се злоупотребуваат и за сексуални услуги, за што се изнајмувале дури и приватни апартмани. За да питачат децата организирано се носени од повеќе градови.

​„Има новороденчиња, деца од три до 15 години, а има и девојчиња кои, според нашите сознанија, се злоупотребуваат и за сексуални услуги. Имаме сознанија дека за таа цел се изнајмувале и апартмани. Најголемото дувло е во Охрид, каде што ги носат од Тетово, Гостивар, Струга, Битола, Ресен, Прилеп, Велес, Кичево и Дебар. Има организирана шема.“

Истражувањата што се спроведуваат во последните пет години откриваат запрепастувачка експлоатација. Децата на улица имаат целосно „работно време“ од 8 часа. Едно дете дневно од минувачите собира од 3.000 до 5.000 денари. Но, наместо за нив, парите завршуваат кај организаторите – децата добиваат само од 10 до 30 денари, а на крајот од денот и ќотек доколку не ја испланот квотата.

​„Работното време им е осум часа. Едно дете од питачење заработува од 3.000 до 5.000 денари. За жал, тие деца добиваат само од 10 до 30 денари. На крајот добиваат и ќотек, а останатите, поголеми суми завршуваат кај нивните шефови и организатори.“

Полицијата поднесува кривични пријави и ги предупредува родителите, но најголемиот кочничар за трајно решение се бавните судски процеси. Од здружението „Градиме иднина“ порачуваат дека долгорочното решение не е само моменталното отстранување на децата од улица, туку нивно системско вклучување во образовниот и социјалниот систем.