Актуелниот министер за економија не е осомничен зошто за „Пулс“ не е побарана нова лиценца во 2025 година

Од новите 19 осомничени за трагедијата во Кочани за четворица обвинителството бара ефективен, за шестмина куќен притвор, за останатите се бара мерки на претпазливост.

Во истрагата опфатени се актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Џеват Селами како и поранешните Шабан Салиу и Аднан Џафероски. Осомничени се и претходниците на Крешник Бектеши, поранешните министри за економија Ваљон Сарачини, Беким Незири и Дритон Кучи.

Меѓу осомничените се најдоа 2 државни секретари и тројца службени лица во Министерството за економија. Новата истрага опфати и 6 инспектори. Четворица од пазарниот инспекторат, тројца градежни инспектори од Општина Кочани како и генералниот инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување.

Кај осомничените утврдени се повеќе линии на одговорност - кои укажале на незаконити дејства и пропусти од работењето на дискотеката па се до кобниот 16 март.

Со продолжувањето на лиценците за работа на дискотеката- министрите за економија ги држеле во опасност животите на луѓето.Директорите на ДЗС, но и градежните инспектори не спровела никаква инспекција - контрола во клубот

Моментално во 30-дневен притвор се 31 осомничен, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани, како и групата од 7 полициски службенци.

За новите опфатени во истрагата се уште нема информации дали кочанскиот суд ќе ги прифати барањата за притвори. Во меѓувреме од одбраната на Шабан Салиу велат дека барањето за ефективен притвор нивниот клиент кочанскиот суд веќе го одобрил. Адвокатот Ванчо Шехтански вели дека ќе поднесе жалба Салиу кога раководел со Дирекцијата за заштити и спасување немал обврска да врши инспекциска контрола на дискотека која како што посочи работело на диво.

Министерот за внатрешни работи Тошковски вели дека законот важи за секој што ќе се огреши, а со таков пристап постои шанса како што посочи да се „рестартира “ системот.

Со новата истрага обвинителството осомничи вкупно 44 физички лица и 3 правни лица. Седум полицајци се осомничени од Обвинителство за организиран криминал и корупција.