Активни 22538 случаи на Ковид-19, расте бројот на оздравени пациенти, но не се намалува бројот на починати
Бројот на активни случаи на Ковид-19 во државава изнесува 22538. Од нив во Скопје се 10852, во Прилеп, Тетово и Гостивар се над 1000, во Куманово – 900. Во речиси сите останати градови има трицифрен број активни случаи. Расте бројот на оздравени пациенти, но не се намалува бројот на починати од Ковид-19.
Според податоците од вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа, регистрирани се нови 984 случаи со Ковид-19, 24 починати и 631 оздравен пациент.
Во ковид - центрите во болниците во државава се лекуваат вкупно 881 пациент позитивен и суспектен на коронавирусот, од кои 445 се во Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека специфичен и посебен лек за Ковид-19 нема и дека се прави комбинација на постојните терапии за некои други болести или симптомите кои ги дава оваа болест. Апелира секој пациент во консултација со матичниот лекар или за време на болничкото лекување само со контрола на лекар да прими соодветна терапија.