Аксиос: Администрацијата на САД побарала од Израел да ги запре нападите во јужна Сирија
Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, побара од Израел да ги запре нападите врз сириските воени сили на југот на Сирија, пренесе денеска „Аксиос“, повикувајќи се на неименуван американски претставник.
Израелските претставници им одговориле на американските колеги дека синоќа ќе ги запрат нападите, објави новинарот на „Аксиос“, Барак Равид на X, повикувајќи се на извор.
Сириското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека Израел сноси целосна одговорност за најновите напади врз јужна Сирија и последиците од тие напади. Министерството соопшти дека има за цел да ги заштити сите сириски граѓани без исклучок, вклучително и малцинството Друзи.
Израел втор ден по ред изврши напади врз сириските владини сили во југозападниот дел на Сирија, ветувајќи дека тоа подрачје ќе остане демилитаризирано и дека ќе ги заштити Друзите.
Министерството за внатрешни работи на Сирија соопшти дека владините сили од денеска ќе почнат да влегуваат во центарот на градот Свејда, два дена по судирите во кои загинаа речиси 100 луѓе.
Духовното раководство на Друзите ги повика вооружените фракции да соработуваат со владините сили, да не пружаат отпор на нивниот влез и да го предадат оружјето на Министерството за внатрешни работи.
Претходно, избувнаа судири меѓу бедуински милитанти и вооружени Друзи, а израелската војска потврди напади врз неколку тенкови во тој регион, со предупредување да не се целат Друзите.

