Ако државата не ни помогне, можно е населението да остане без леб, велат мелничарите

По лавината реакции во јавноста околу поскапувањето на лебот, мелничарите велат дека и сегашната цена не е доволно висока доколку се земат предвид сите зголемени трошоци.

Ако Владата не им помогне, предупредуваат дека е можно да дојде до целосно колабирање на дејноста и населението да остане без леб.

Како што истакнува за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ, пекарниците се соочуваат со загуби и со недостиг на средства да ги обноват залихите навреме, а ќе бидат приморани да вршат и уште поголеми набавки од странство, по повисоки цени, зашто жетвата на домашната пченица потфрлила и во квантитет и во квалитет.

Малишиќ апелира до вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, Владата да се потруди да ја изрегулира цената на електричната енергија за индустријата како што прават другите држави – со фиксирана цена или како во Србија – со загарантирана цена за индустријата со 72 евра за мегават час, како и да овозможат регулирани и евтини цени за гасот и другите енергенси. 

Мелничарите имаат и уште еден предлог за кој засега, велат, немаат согласност од Владата – земјоделците да добијат плус два денара по килограм за предадено и платено производство на пченица во лиценциран откупувач-преработувач за жетвата 2022.

Целта на ваквата мерка, објаснува Малишиќ, е поттик за земјоделците да посеат повеќе лебно жито во октомври и ноември, со поквалитетен семенски материјал и подобри ѓубрива, за следната жетва во 2023 година да биде со подобар и поквалитетен принос.