АХВ: Нови случаи на сипаници кај овци и кози, нема опасност за луѓето
Епидемиолошката слика со болеста сипаници кај ситниот добиток во земјава се усложнува. Од почетокот на јули, Агенцијата за храна и ветеринарство потврди нови жаришта во повеќе региони – од Македонска Каменица, преку Кочани и Делчево, па сè до Свети Николе и Куманово.
Со ова, вкупниот број на регистрирани жаришта од почетокот на годината се искачи на 17, опфаќајќи повеќе од 2.700 животни. Од надлежната Агенција уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека граѓаните не треба да стравуваат за своето здравје.
„Од почетокот на јули на територијата на државата потврдени се вкупно 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози во неколку општини, со што вкупната бројка од крајот на јануари до денес достигна 17 жаришта со над 2.700 животни. Сакаме да ја смириме јавноста и да потенцираме дека оваа болест не претставува никаква опасност за здравјето на луѓето. Нашите стручни служби будно ја следат состојбата на терен и ги преземаат сите подобни заштитни протоколи за да се спречи понатамошно ширење меѓу стадата.“- велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Главниот фокус сега е ставен на брза реакција и изолација на вирусот. Како дел од мерките, досега се еутаназирани над 1.400 животни, а во тек е координирање со локалните власти за одредување безбедни локации каде што ќе се изврши закопување на добитокот од новите жаришта. Паралелно, надлежните одржаа итни состаноци со здруженијата на одгледувачи на овци. Целта е сточарите веднаш да ги воведат најстрогите биосигурносни мерки на своите фарми и веднаш да алармираат при каква било промена кај животните.
,,Досега е извршена депопулација на над 1.400 животни во засегнатите одгледувалишта, а по добивањето согласност за локациите за закопување, веднаш ќе продолжиме со оваа мерка и во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе. Истовремено, во постојан контакт сме со здруженијата на одгледувачи на овци кои детално ги информираме за спроведувањето на биосигурносните мерки. Апелираме до сите сточари веднаш да ги пријават евентуалните сомнежи за болеста до ветеринарните друштва или официјалните ветеринари за да можеме навремено и ефикасно да реагираме.“- додаваат од Агенцијата.
Ветеринарните власти апелираат на максимална сериозност и одговорност од страна на сите чинители во сточарскиот сектор. Навременото пријавување и почитувањето на забраните за движење на добитокот во загрозените зони се клучни за да се спречи поголема економска штета во домашното овчарство.

