Ахмети сега не сака во влада: Не сум јас резервна гума
Сто дена влада, сто дена скандали и неуспеси. Ова се клучните пораки кои лидерите од Европскиот фронт ги испратија денеска од заедничкиот настан и ги адресираа до Илинденска број два на чело со премиерот Мицкоски.
Со порака и до политичките опоненти ВЛЕН дека како што велат било крајно време да излезат од власта и да се борат за правата на Албанците. Средбите со граѓаните како што порача Ахмети ќе биле клучни за тоа како ќе делуваат понатаму и како што рече ќе го посетеле секое село и секој град, но и секоја изборна единица каде добиле албански глас. Повика на обединување на сите Албанци и да го кренат гласот против како што рече националиситичките политики на актуелната влада. Од тука порачувам. Не си играјте со нас. Стабилноста на оваа земја е во рацете на двете најголеми заедници. Албанците се субјект, а не објект во оваа држава. Ние не сме резервна гума. Не ни требаат погрешни политики и хистерии кога Европа е во војна а Русија е агресор. Не ја отварајте пандорината кутија. Ќе го посетиме секое избирачко место каде што добивме глас и ќе го прашаме народот. Ако народот ни каже бидете гласни ќе го кренеме гласот ако ни кажат да го спуштиме ќе ги послушаме..- Ахмети.
- Време е да кажеме стоп на ова зло и на Мицкоски да му покажеме каде се црвените линии. До каде мислите да газите по достоинството на Албанците. Со закон за правична застапеност не можете да го замените и укинете Балансерот. На ВЛЕН пак да им порачам да не се кријат позади храброста на нашата Илире Даути која не дозволи Законот за бранители да се најде на собраниската комисија бидејќи таа е херојот, а не тие. Нашата цел не е да бидеме дел од оваа влада зошто ќе треба да го делиме срамот за сите скандали и неуспеси кои ги направија во овие 100 дена. - Зијадин Села.
Со пораки дека е време како што велат власта да се вразуми и претставниците од помалите етнички заедници кои се дел од оваа коалиција.
- Денеска сме овде да изразиме загриженост и критика до актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Во изминатите 100 дена бевме сведоци на низа настани и погрешни политики кои негативно влијаат врз нашите животи и меѓуетничките односи. Мунир Колашинац.
Сепак премиерот Мицкоски вчера изминатите 100 дена владеење ги оцени како успешни додека пак првиот опозиционер Венко Филипче како катастрофални. Мицкоски се пофали со странските инвестиции зголемувањето на пензиите и најави нови вработувања но во своето официјално обраќање многу помалку се осврна на актуелните настани поврзани со Балансерот, но и оспорувањето на Законот за бранители од страна на албанскиот политички блок.
Најави и борба против криминалот и корупцијата но како што рече требало време за да се испорачаат првите резултати поради како што рече партизираноста кај дел од институциите која останала од претходната влада.