Ахмети од настан со дијаспората го извести Ковачевски дека министрите од ДУИ депонирале оставки

Оставки од функциите кои во моментов ги извршуваат, поднесоа министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, ова го објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети во писмо адресирано до премиерот Димитар Ковачевски на настан со дијаспората во Тетово, информацијата за ТВ 24 ја потврди и мнинистерот за надворешни работи Османи.

Во писмото се наведува дека земјата е во критична фаза од европската иднина, а големите одлуки бараат политичка, национална, државна одговорност и жртви.

- Почитуван премиере, Димитар Ковачевски, Сметајќи дека нашата земја, Република Северна Македонија, се наоѓа во критична фаза од нашата европска иднина, носејќи ја тежината на интеграциите како политичка организација во последните 20 години, Сметајќи дека големите одлуки бараат одговорност како и политичко, национални и државно жртвување од страна на секој од нас, тргнувајќи од условувањето на опозицијата дека би гласале за уставни измени доколку Демократската унија за интеграција излезе од Владата, ние, министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, поднесуваме оставки од функциите што во моментов ги извршуваме! Оставките, г-дине Премиере, автоматски ќе стапат во сила во моментот кога опозицијата ќе ги изгласа уставните измени. - се вели во писмото од Ахмети.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска се на ставот дека избори е единственото решение во интерес на земјава и единствениот излез како што велат од опозициксата партија од ќорсокакот во кој власта ја внела државата, потенцираат дека се ситни мнозинството, односно „барајќи рогови власта ќе ја изгубат главата“.

- Во изјавите на власта на ДУИ И СДС владее какафонија по темата уставни измени. Тоа е резултат на нивниот очај и нервоза, бидејќи насилниот обид спротивен на народната волја, им се удри во ѕид. Имено Бујар Османи тврди дека фалеле уште 8 пратеници за мнозинство за уставни измени, а заборава дека неговите соработници шпекулираа дека им фалат уште 6 пратеници народот вели „барајќи рогови си ја изгубиле главата“, па така оваа власт барајќи 2/3 може лесно да го загрози и владиното мнозинство. - велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираат од СДСМ од каде велат дека предложените уставни измени не задираат во ниту едно идентитетско прашање, туку се работи за техничка измена на уставот со која покрај постојните делови од народи кои се вклучени во преамбулата се додаваат и делови од други народи и истовремено се задржува примарната уставотворност на македонскиот народ.

- Со измените се забрзува процесот на интеграција во ЕУ, со отворањето на првите поглавја од преговарачкиот процес. Овие уставни измени се последната шанса Мицкоски и ДПМНЕ да застанат на страната на интересите на граѓаните и државата и да докажат дека навистина сакаат да ја видат државата како полноправна членка на ЕУ. - велат од СДСМ.

Уставните измени веќе се во собраниска процедура. Сепак собранискиот спикер Џафери остави простор, откако ќе се исцрпи расправата за предложените уставни амандмани да се заврши седницата и за нив да се гласа на ново продолжение. Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за реално почнување на преговорите на земјата за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство од 120-члениот парламент во Скопје, но засега, такво мнозинство нема.