Акцискиот план кој го донесе главниот штаб за управување со кризи содржи 17 точки
Foto

Акцискиот план кој го донесе главниот штаб за управување со кризи содржи 17 точки

По речиси четиричасовно заседавање заврши втората седница на главниот штаб на центарот за управување со кризи. Донесен е акцискиот план за борба против епидемијата кој што содржи 17 точки, вели за ТВ 24 првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов. 

ЦУК ќе биде телото кое што во следните триесет дена ќе биде главен координатор на сите институции и ќе им  дава насоки што треба да прават за успешно справување со епидемијата.

На седницата денеска присуствуваат  претставници на Министерствата за  здравство, внатрешни и надворешни работи, одбрана, како и на министерството за транспорт и врски. Присутни се и претставници на Армијата, Дирекцијата за заштита и спасување, како и Службата за брза помош и Црвениот крст. 

Владата по синоќешната седница даде предлог и до претседателот Пендаровски да ја вклучи и армијата како дополнителна помош во справувањето со кризната состојба. Шефот на државата на својот фејсбук профил денеска порача дека помошта на здравствените установи и полицијата од страна на Армијата ќе биде од исклучително значење за овие два секотри, кои што се исцрпени, по деветмесечната борба со епидемијата. 

„Според Законот за менаџирање со кризи, Армијата ќе и помага на полицијата во обезбедување на стратешки објекти, болници, како и во обезбедување на магацини со лекови и со друга заштитна медицинска опрема. Сметам дека ваквата помош и поддршка е повеќе од потребна за здравствените власти и полицијата, коишто веќе деветти месец деноноќно се борат се пандемијата на #КОВИД19 и се крајно исцрпени.“ - напиша Пендаровски. 

Од вчера Македонија е во кризна состојба. Одлуката за прогласување дојде по последниот состанок на Советот за безбедност, на кој освен членовите, повикан беше и реферираше и Министерот за здравство за состојбата со медицинскиот кадар и болничките капацитети, кои  после деветмесечната борба против епидемијата со коронавирусот се на работ на колапс. А токму една од главните причини за прогласување на кризната состојба е можноста на држвата да управува со приватните болници, за што министерот Филипче вчера се сретна со сопствениците на најголемите приватни болници, но конкретни договори за начинот на вклучување се уште нема.

0 Коментари

Остави коментари