АКЦИОНЕРСТВОТО ДРУШТВО ВОДОСТОПАНСТВО ЗА 417 ИЛЈАДИ ЕВРА ЌЕ ИЗНАЈМИ 15 ВОЗИЛА КОИ НА КРАЈ ЌЕ ГИ ВРАТИ

Директорот на државното АД Водостопанство, Илми Селами, предновогодишно склучил договор за рентање на 15 нови возила за кои за пет години ќе плати неверојатни 417.000 евра. Договорот за оперативен лизинг е склучен со „Аутомотив груп“ и предвидува по изнајмувањето, после 5 години, возилата да се вратат на автомобилската куќа. Математиката на Телевизија 24 покажува дека претпријатието да ги купеше возилата, ќе платеше максимум 270.000 евра. А сега годишно ќе плаќа рента на Аутомотив груп од 83.000 евра.

Изнајмени се 14 теренски возила „Дачиа Дастер“ и едно Рено Талисман, кое најверојатно е за потребите на директорот и Дирекцијата. Спорно е и тоа што во договорот стои дека во тие 5 години, ако едно возило надмине 100.000 километри, претпријатието ќе плаќа по 19 денари за секој нареден поминат километар.

Директорот Селами не беше во можност да ни даде изјава, но раководителот на набавки, вели дека нивната анализа покажала дека е поисплатливо да ги изнајмат возилата отколку да ги купат.  Математиката покажува дека месечно само за изнајмување на едното возило Рено Талисман претпријатието ќе плаќа по речиси 50.000 денари, или годишно по речиси 10.000 евра. Во салон ова возило чини околу 27.000 евра. А со рентање за пет години државното претпријатие ќе плати над 48.000 евра на Аутомотив груп и ќе им го врати.

Додека пак за едно возило Дачија Дастер претпријатието ќе плаќа по речиси 27.000 денари месечно или по речиси 5.300 евра годишно или вкупно за сите 14, неверојатни 73.000 евра годишно. Најскапата варијанта на ова возило во салон чини максимум околу 18.400 евра. За антикорупционерите се спорни ваквите набавки каде лесно се трошат државните пари. Велат иако нема антикорупциска комисија, има обвинителстово кое може да истражува сомнителни зделки. Директорот на АД Водосотопанство Илми Селами е познат на јавноста по тоа што порано беше претседател на Антикорупциска, како и заменик министер за одбрана.