Акција „Синџир“: Определени 13 ефективни притвори,еден куќен и 12 мерки на претпазливост

Притвор за тринаесетмина, домашен притвор за еден и мерки за претпазливост за останатите дванаесетмина. Ова е епилогот од акцијата „Синџир“, која вчера ја спроведе Обвинителството за гонење организиран криминал.

Во неа осомничи 26 луѓе и 28 фирми од Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид, кои преку фиктивни фактури испумпале од државата близу 8 милиони евра за ДДВ. Обвинителството собрало докази дека тројца организатори, заедно со уште тројца други, уште во 2019 година во Неготино се здружиле и ја направиле криминалната шема, која во следните две години се проширила за уште осумнаесетмина, во најголем дел сопственици и управители на компании.

Во мрежата учествувале три групи даночни обврзници, кои ја злоупотребиле можноста за даночен гарант која им ја нудел законот. Откако е откриена шемата, оваа можност е укината, вели првиот човек на УЈП Сања Лукаревска.

И додека од една страна криминалци незаконски го празнат буџетот, од друга, државата се обидува да го надомести буџетскиот дефицит преку ад хок даноци. Близу 36 милиони евра се собрани од 100 компании кои досега го платиле солидарниот данок, а уште педесетина фирми должат. Лукаревска вели дека фирмите имале можност данокот да го платат на три рати до крајот на годината или со еднократно одлагање, но со обезбедена банкарска ганарција или хипотека.

Лукаревска не одговори дали ќе им ги вратат парите на фирмите ако Уставниот суд, кој работи по четири иницијативи за негово оспорување, го прогласи Данокот на солидарност за неуставен. Овој данок е воведен за оние компании кои лани оствариле приход од најмалку 10 милиони евра, а имаат зголемување на приходите за време на енергетската криза.