Академија Пандев на пенали освои историски пехар во Купот
Foto

Академија Пандев на пенали освои историски пехар во Купот

По подобро изведување на пенали Академија Пандев ја совлада екипата на Македонија Ѓорче Петров и го направи својот најголем клупски успех, го освои Купот на Македонија. Академија Пандев и Македонија Ѓорче Петров одиграа еден одличен натпревар за македонски услови кој заврши 2-2 во регуларниот дел, нерешено остана и по продолженијата, а потоа пеналите го решаваа победникот, на крајот се радуваше тимот од Струмица.
 
Академија Пандев поведе уште во 10. минута од мечот преку Сашко Пандев кој даде извонреден гол од далечина, но предноста не траеше долго, во 21. минута Робсон Да Силва даде мајсторски погодок од слободен удар и го изедначи резултатот на 1-1.
 
Се играше динамично, имаше шанси и на двете страни но мрежите мируваа се до 84. минута кога Дејан Тантуровски постигна убав гол со глава за комплетен пресврт и водство на Македонија Ѓорче Петров. Ѓорчепетровци беа многу блиску до победа, но во 86. минута беше досуден пенал за Академија Пандев кој успешно го реализираше Љупчо Дориев за ново изедначување на мечот, 2-2.
 
Во двете продолженија од по 15 минути немаше погодоци, па пенал рулетот требаше да го реши новиот освојувач на купот, а тогаш на сцена стапи голманот на Академија Пандев, Душан Чубраковиќ. Тој ги одбрани ударите на Робсон Да Силва и Дејан Тантуровски, Струмичани ги погодија сите свои удари и на крајот заслужено се радуваа на историскиот успех.

0 Коментари

Остави коментари