Агелер: Уставните измени треба да се донесат до крајот на годинава
Пораката на сенаторот Марфи е јасна - Македонија до крајот на годината да донесе тешки одлуки, вели американската амбасадорка Анџела Агелер. Го потврди ставот на американскиот сенатор, дека во Белата куќа ќе се постави прашањето – колку Македонија е посветена да стане членка на ЕУ, ако не го заврши процесот на уставни измени.
- Сметам дека неговата порака е важна, дека доколку тешките одлуки за напредување во евро-атлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… кои ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатланските интеграции и европскиот пат. Затоа нема потреба од толкување на неговата изјава, верувам дека беше многу јасен, вели Анџела Агелер амбасадорка на САД.
Холандскиот амбасадор,пак, уверува дека нема да има ново вето. Вели - ако Преамбулата на Уставот се смени, преговорите ќе продолжат автоматски.
Дирк Јанк Коп во интервју за Радио Слободна Европа порачува дека ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде одложено членството во Унијата за најмалку три до четири години и дека нема да има подобра преговарачка рамка од сегашната.
- Нема подобар договор од овој. Овој е апсолутно најдобриот договор што Северна Македонија можеше да го добие. Според мене, ова што се случува е тоа што ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде одложено членството во ЕУ за најмалку за три, четири години и мислам дека тоа не е добар начин на однесување и може да биде разочарувачки, ако тоа се случи. Сега е моментот, вели Дирк Јан Коп амбасадор на Холандија .
За холандскиот амбасадор, билатералното прашање со Бугарија е помалку важно, вели дека за нив се важни реформите и антикорупцијата и дека не гледа владин напредок, напротив смета дека работите се влошуваат. Порача дека корупцијата е состојба на умот, дел од менталитетот и тоа треба да се смени веднаш, во спротивно желбата на Македонија да биде дел од ЕУ ќе биде илузија.