Афтершок: Страв и паника кај битолчани - тлото и денеска се тресеше

Паника и страв, помали оштетувања на фасади и ѕидови, но без жртви и повредени. Битолчани денеска, дваесетина часа по силниот земјотрес ги прераскажуваат тие неколку минути од потресот. Се уште видно вознемирани, велат дека вакво нешто никогаш не доживеале. Земјотресот со јачина од 5,5 степени, чиј епицентар беше на 30 километри од Битола, близу грчки Лерин, најголеми оштетувања предизвика на високите згради и постарите објекти. Ова е зградата спроти средното техничко училиште, во која се видливи напукнувања од земјотресот. Веднаш по потресот, станарите панично бегале надвор, а дел од ноќта ја поминале на отворено.

Помали оштетувања има на ѕидовите во две битолски градинки. Тие се превентивно затворени, додека стручни тимови не утврдат дали оштетувањата можат да предизвикаат посериозни последици. За ова, но и за останарите штети денеска заседаваше кризниот штаб на општината. Градоначалникот Тони Коњановски вели дека ќе се формира комисија за проценка на штетите. 

Тлото во Битола и денеска се тресеше. Преку 30 нови потреси, така наречени афтершокови се случија во текот на ноќта и денот. Експертите велат дека тоа е очекувано, но дека нема простор за паника.

Овој земјотрес ги потсети битолчани на силниот потрес, кој се случи во 1994 година, кој, како и сега предизвика мали оштетувања, но голем страв и паника.