Африм Гаши: Не сум за предвремени парламентарни, мандатите треба да се истераат до крај
Нема потреба од предвремени парламентарни избори а исто така нема повеќе потреба ниту од техничката или така наречена Пржинска влада смета собранискиот спикер Гаши.
На денешниот брифинг со новинарите одговарајќи на новинарски прашања на овие теми само кратко посочи дека предвремените избори се главната причина поради која многу владини проекти кои се почнуваат остануваат недовршени или се одолговлекува процесот .
Африм Гаши Претседател на Собрание на Р.С.М
- Лично сум поборник за редовни избори, не само поради економска и политичка стабилност, но и заради мерливост на резултатите. Предвремени избори секогаш се алиби за тоа: Немавме време да го реализираме тоа и тоа од програмата, фати предизборен период’ и слични изговори” додаде Гаши.
Во врска со укинувањето на техничката влада која е и една од главните точки поради која премиерот Мицкоски предложи лидерска Гаши само посочи дека собранието нема никаква врска со лидерската бидејќи тој процес се води надвор од собрание а во врска со укинувањето на техничката влада го изнесе својот личен став наведувајќи:
Африм Гаши Претседател на Собрание на Р.С.М
- Колку што се сеќавам, тогаш ние само што ја формиравме политичката партија. Ако се враќаме назад, тоа беше ад-хок решение за таа политичка криза да се надмине. Мислам дека стабилна Влада, како членка на НАТО, не е угледно да формира технички влади за организирање на предвремени избори, до толку што гледаме дека изборните процеси особено последниве, течат по ред, нема некои забелешки.
Во врска со обвинувањата на опозициската СДСМ дека собранискиот спикер Гаши се уште не доставил официјално барање до нивната пратеничка група да именуваат членови и претседател за анкетната за Кочани која ја предложи парламентарното мнозинство Гаши само посочи дека неговата работа е завршена и дека веќе собранието ја изгласало потребата од формирање на анкетна и сега на потег се пратеничките групи.
Од СДСМ и денеска велат дека деловнички Гаши сепак треба да достави барање а пак ВМРО ДПМНЕ и претходно посочија дека ќе ги чекале заклучоците од претходната анкетна односно онаа постојаната во законодавниот дом со која претседаваше Димитар Апасиев од Левица а на која присуствуваа и членови на семејствата на настраданите во дискотеката Пулс .

