АФП со репортажа за Македонија: Масовно иселување на младите во потрага по подобар живот
„Подобро да си роб за 2.000 евра во земја во странство, отколку да си дома за 300 евра“, слушаме често низ земјава, пишува АФП.
Според агенцијата Македонија се бори со алармантен демографски пад, поттикнат од масовната емиграција и стареењето на нејзините жители. Како град со малку знаци на живот во земјава агенцијата го посочува Валандово. Напуштените продавници и претежно празни улици покажуваат дека младите од овој град бегаат во други земји за подобра иднина.
Градоначалникот на Валандово Перо Костадинов за ТВ24 вели дека е свесен за иселувањето, но и дека тоа е проблем што се провлекува низ годините, според Костадинов ако веќе во земјава се борима за патриотизам, тој треба да го покажеме дома и да се потрудиме да се промени нешто, а не со иселување.
Околу 600.000 македонски граѓани сега живеат во странство, покажуваат податоците на светска банка и владата. Во тексот уште се вели дека слабиот економски раст и недостигот на инвестиции ја зафатиле Македонија, која сега е дом на само 1,8 милиони луѓе, во нејзините 30 години.
„Ако околу четвртина од вашите 2,4 милиони жители си заминале, треба да бидете сериозно загрижени за тоа што се случува“ - смета Апостол Симовски директорот на Државниот завод за статистика.
По независноста на земјата во 1991 година, многумина се надеваа дека влезот во Европската Унија ќе донесе напредок.
Но, патот на Македонија кон ЕУ се бори со блокади, прво од Грција, а потоа, а сега од Бугарија, што предизвикува сомневања за можноста земјата еден ден да се приклучи на блокот 27. Афп дава акцент и на месечната просечна плата во земјава која изнесува 470 евра која како што се наведува во текстот, едвај ги задоволува основните потреби на граѓаните.
Но Македонија не е сама во оваа ситуација на Балканот, потенцира агенцијата. Во Албанија, речиси 37 отсто од населението, ја напуштило земјата во изминатите 30 години. Во Србија, пак според проценките, стотици илјади луѓе го обновиле својот живот во странство.