Афера тендери : ДКСК ќе решава дали ќе отвори предмет за Томовски
Антикорупциска веќе има предмет за фирмата со двајца вработени за која опозицијата обвини дека добила тендери вредни 9 милиони евра.
Првиот антикорипционер Адем Чучуљ кажа дека предметот е оформен по пријава на СДСМ која минатиот месец објави документи - со кои тврдеше дека преку криминални шеми и тендери власта пумпала народни пари. За новата новата бомба на СДСМ пак - за семејната фирма на Томовски ДКСК по сопствена инцијатива ќе одлучува неделава.
Опозицијата со денови обвинува за скандали поврзани со семејната фирма на Томовски - која добила 160 тендери вредни 5, 3 милиони евра. Попладнево се огласи премиерот Христијан Мицквоски. Кажа дека одговорност треба да има за секог кој се огрешил пред законот. Но, обвинувањата на СДСМ за случајот со СОЗР - за премиерот се измислена тема.
Опозицијата обвинува дека семејната фирма на Томовски која добивала тендери првично се викала „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето бил таткото на Ивица - Витомир Томовски, а управител бил Слободан Кутановски, нивен близок роднина. Подоцна фирмата го сменила името во „Сити аутсорсинг“.
СДСМ објавија документ во која како што истакнаа телефонскиот број на Томовски е наведен како контакт на фирмата. Томовски потврди дека бројот е негов, но изјави дека нема никаква поврзаност со фирмата „Сити аутсорсинг“ и најави тужба за СДСМ.
Се огласија и од „Сити аутсорсинг“. Оттаму негираа било каква поврзаност со директорот на владината Служба за општи и заеднички работи.

