Аероклубот Скопје прославува 100 години постоење, низа активности во текот на целата година во чест на јубилејот

Аероклубот Скопје оваа 2023 година прославува 100-годишнина од своето постоење, одбележувајќи еден век на промовирање и унапредување на воздухопловството во Скопје и пошироко во регионот. Од своето основање во 1923 година, Аероклубот Скопје е движечка сила во развојот на воздухопловството, безбедноста во воздухопловството и образованието и значително придонесе за растот и напредокот на оваа дејност. 

За да го прослави овој значаен јубилеј, Аероклубот Скопје организира низа настани во текот на целата годината, почнувајќи со Акција за прибирање на „Нераскажани приказни“ и фото спомени на членовите на Аероклубот.

Аероклубот Скопје има планирано и низа активности за прикажување на историјата на клубот и придонесот кон воздухопловството во Македонија. Тие вклучуваат Изложба на стари фотографии уметнички модифицирани, издавање и промоција на книги, Син бал за доделување на признанија за истакнати членови, државни натпревари во сите воздухопловни дисциплини и семинари и работилници на теми поврзани со воздухопловството. - велат за студио 10 Јане Стефанов претставник на Аероклуб Скопје.

Прославата на 100-годишнината ќе кулминира со Аеромитинг со акробатски прикази, авиони од генерална авијација и воени авиони, што ќе се одржи на спортскиот аеродром „Стенковец“, кај Скопје на 16 септември 2023 година. 

Предвидено е на Аеромитингот  да присуствуваат локални и меѓународни воздухопловни ентузијасти, владини претставници и почитувани гости.

Аероклубот Скопје измина долг пат од своето основање и низ овие години низ клубот поминале над 3.000 воздухопловни ентузијасти, пилоти, едриличари, падобранци и механичари. Низ овие години клубот изгради силна репутација за воздухопловна безбедност, образование и обука, и обезбеди можности за младите луѓе да продолжат со кариерата во воздухопловството. - Дејан Саздовски - претставник на Аероклуб Скопје

Прославите на 100-годишнината на Аероклубот Скопје се доказ за трајното наследство на клубот и неговата посветеност за промовирање и унапредување на воздухопловството во регионот.