Адвокатот Тони Менкиноски се соочи со забрана за патување во Бугарија во траење од 10 години

Адвокатот на Македонците во Бугарија, Тони Менкиноски на црната листа на Софија. Тој денеска ја информираше јавноста дека бугарските власти му изрекле забрана за влез во Република Бугарија во траење од 10 години, а одлуката му била врачена на 6 март годинава, при обид да влезе во земјата преку граничниот премин Златарево. Во образложението е наведено дека тој наводно претставува закана за националната безбедност на Бугарија. Според адвокатот, решението е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка, што го прави обвинувањето исклучително сериозно.

И Премиерот Мицкоски реагираше на информацијата дека адвокатот добил забрана за влез во Бугарија во траење од десет години, оценувајќи дека доколку тоа се потврди, станува збор за сериозен удар врз демократските принципи. 

Менкиноски нагласува дека мерката е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и на денешната прес конференција посочи дека Бугарија презема мерка која може да се толкува како притисок врз адвокат кој ги користи европските и меѓународните механизми за заштита на човековите права.

Оценувајќи ја одлуката како скандалозна и како директен притисок врз неговата адвокатска работа, Менкиноски нагласи дека ова е израз на немоќ, што, како што рече, ја покажа вистинската слика на бугарскиот шовинизам. Со оваа забрана, случајот всушност отвора сериозни прашања за владеењето на правото, независноста на адвокатската професија и правото на граѓаните да имаат слободен и независен правен застапник.