Адвокатот на Груби им се извини на граѓаните ако се вознемириле поради пречекот со факели и чадни бомб
Се врати кралот! Со вакви пароли стотина симпатизери и поддржувачи го пречекаа екс вицепремиерот Артан Груби, откако синоќа излезе од куќен притвор. Факели, чадни бомби и огномет беа декорот од оваа мини прослава во скопски Чаир. Но, по денешните бурни реакции во јавноста, Груби се огради од собирот. Преку своите адвокати писмено ѝ се извини на јавноста, со објаснување дека пречекот бил спонтан, порачувајќи дека институциите и судските одлуки мора да се почитуваат, без политички и јавни притисоци.
„Собирот беше спонтан, пред домот на Артан Груби, без говори, без пораки, и без политички обележја. Укинувањето на мерката претставува одлука на надлежните органи во рамките на законски предвидените постапки. Во името на нашиот штитеник им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде погрешна слика во јавноста.“
Владеачката ВРЕДИ, пак, го обвини Артан Груби дека се потпира на старите врски на ДУИ во правосудството, а поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи го прозва дека станал навивач за човек на американската црна листа. Од партијата прашуваат дали Груби добил задача да предизвика раскол во ДУИ и оценуваат дека неговото враќање и одложувањето на кадровските промени кај алтернативците, на ВРЕДИ ќе му донесат поголем успех на изборите.
„Има обвинение и без разлика колку е спремен Прпарим Бајрами да се жртвува за него, на Артан Груби ќе му виси тежок камен околу вратот. Цело раководство на ДУИ се уште се прашува зошто после една година во бегство тој сам се пријави на граница и доби само куќен притвор. Факт е дека истече максималниот рок во кој можеше да му се продолжува притворот. Факт е дека Артан Груби ќе може да се движи само во Скопје и ќе треба редовно да се чекира во Судот. Факт е дека за таа ограничена слобода на движење даде гаранција вредна 350 илјади евра како да се 100 денари. Без разлика на театарот што му го направија десетина негови лојалисти со навивачка пиротехника, исплашениот и блед лик на „кингот“ говори многу без тој воопшто да изусти збор.“
На Артан Груби му се суди во предметот „Државна лотарија“, како второобвинет за злоупотреба на службената положба и овластување при набавката на видеолотариски терминали. По 14-месечно бегство, во февруари годинава се предаде на граничниот премин Блаце, по што му беше определен куќен притвор. Од вчера може слободно да се движи откако истече законскиот рок за притворот, но не смее да го напушти Скопје, а судот го одби барањето за враќање на пасошот во замена за понудената имотна гаранција од 335 илјади евра.

