Администрацијата на Трамп одобри Бајден да започне со преземање на власта

Доналд Трамп одобри старт на процесот на пренос на власта. Ваквата одлука на белата куќа следува откако официјални лица од сојузната држава Мичиген соопштија дека Џо Бајден освоил најмногу гласови на изборите во таа сојузна држава.

Наскоро се очекува истото да го потврдат и властите во Пенсилванија...Трамп, иако се уште не го признава изборниот пораз и најави дека ќе продолжи да бара ревидирање на гласањето, синоќа на Твитер потврди дека препорачал да започнат првичните протоколи за предавање на власта.

„Препорачувам Емили Марфи и нејзиниот тим да направат што треба во однос на првичните протоколи и му кажав на мојот тим да го направи истото.“ - напиша Трамп.

Од Службата за општа администрација, која е задолжена за поддршка на основните функции на американските сојузни агенции и министерства, велат дека се подготверни за работа и дека веќе стапиле во контакт со тимот на Џо  Бајден.

„Треба да се извршат безбедносни проверки а станува збор за повеќе од 1000 лица. Постапката досега беше блокирана а службата сега може да почне со издавање на неопходните одобренија и реализација на сите постапки кои ќе овозможат администрацијата на Џо Бајден да биде подготвена да го преземе управувањето на државата на 20 јануари.“ - изјави Нилс Гилман.

Од тимот на Бајден пак го поздравија почетокот на транзицијата на власта и веќе почнаа со претставување на лицата кои треба да ги преземат најважните функции во државата. Адвокатот Алехандро Мајоркас, ќе биде нов секретар за внатрешна безбедност додека пак Џенет Јелен е предложена за министер за финансии на САД.

„Оваа одлука е потребниот чекор за конечно да почнеме да се бориме со предизвиците со кои се соочува нацијата.“ - соопштија од неговиот тим.

Одлуката на Трамп доаѓа по речиси три недели неизвесност и пребројување на гласовите. Се уште актуалниот претседател на САД, покрај тоа што не го призна гласањето по пошта, обвини и дека гласале починaти или отселени лица, имало двојно гласање но и гласање под принуда.