Администрацијата и државната бирократија во петок ќе работат само 4 часа, експертите велат дека овој предлог е смешен и нерационален
Административните работници да работат со скратено работно време во петок, се предвидува во Предлог Законот за административни службеници, кој го изготви Министерството за информатичко општество и администрација.
Се предвидува наместо 40 часа, администрацијата да работи по 36 часа во неделата, односно по само четири часа работно време во петок.
„Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено“, стои во предлог законот.
Од министерствто денеска не сакаа дополнително да коментираат, најавија објаснување за утре.. нема подетални податоци за потребата на промената на законот ниту во образложението на предлогот..
Ваквиот предлог според професорот Борче Давитковски е смешен и нерационален. Тој во изјава за „Локално“ вели дека причина за носење на ваков закон се изборите, каде политичарите го користат за да им се додворуваат на околу 140 илјади административци.
Крајно нерационално е на административните службеници да им се даде скратена работна недела, од она што го предвидува Законот за работни односи според кој работната недела трае 40 работни часови, рамномерно распоредени на пет работни дена.
Од друга страна, нелогичното произлегува и од фактот што економскиот сектор од кој практиочно се обезбедува платата на тие службеници, со овие измени ќе работи подолго од администрацијата. Сметам дека причината е лукративна во пресрет на локалните избори и е своевидно додворување на околу 140.000 административци.
Сите држави во рамки на реформите што ги прават на администрацијата, предидуваат поголема достапноста на институциите за да може секој граѓанин да ги заврши своите обврски, а кај нас се прави спротивното се предлага, службениците во петок по само четири часа работа да си заминат дома”, вели Борче Давитковски професор за „Локално“.
Според министерството целта поради кој се носи нов закон се практични проблеми во имплементација на актуелниот. За коментирање на Предлог законот остануваат уште неполни седум дена.