Администрација - проблем и декларативна заложба на секоја влада

Наместо да се намалува, јавната администрација постојано расте. Државниот портал за јавни набавки е преполн со огласи за вработување во државни и локални институции. Земјава се уште не може да се справи со една од најкритикуваните области во речиси сите извештаи на Европската Унија.

Но, прашањето е дали има волја кај владите да направат нешто по тоа прашање, вели за Студио 10 универзитетскиот професор и експерт за јавна администрација Борче Давитковски.

Македонија донесе неколку закони кои ја регулираат оваа област, но како која влада доаѓа, така ги дезавуира и заобиколува законите, за да може да вдоми партиски послушници, вели Давитковски. Според официјалните бројки, во јавната администрација работат нешто над 130 илјади луѓе. Тој број од година во година постојано се зголемува.

Поранешниот градоначалник на Велес Аце Коцевски смета дека според својата големина, земјава има прегломазен државен апарат, па многу пари од буџетот непотребно се трошат на него. Нас ни треба сервисно ориентирана, а не партизирана јавна администрација, вели Коцевски.

Изборот на шефот на јавното бвинителство за организиран криминал, Ислам Абази, превирањата околу огласот за контролори на летање, внатрешнопартиската битка на „огнените“ во ДУИ за што подобри позиции, несудената конзулка Бесмира Јакупи ја исфрлија на површина најголемата болка со која се соочува земјата - партиските влијанија.

Смената на директорите во јавните претпријатија од град Скопје беа последни во низата кои предизвикаа бура од реакции во јавноста, кој и како добива челна позиција и по која заслуга.