Ацо Ристов – предлог за нов претседател на РКЕ
Поранешниот градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов, e предлог за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика по оставката на претходникот Марко Бислимоски. Тој денеска со седум гласа „за“, два „против“ и ниту еден глас воздржан беше изгласан од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Предлогот Ристов да биде нов претседател на РКЕ сега треба да биде изгласан на пленарна седница. Инаку тој е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи.
Функцијата градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ ја извршувал во периодот од ноември 2021 година до октомври 2025. Покрај Ристов, на огласот за претседател на регулаторна беше пријавен и Шамил Реџепи од Тетово, магистер по економски науки, вработен во комисијата од 2004 година. Тој не влезе во потесниот круг поради неисполнување на критериумите од огласот.
– Кандидатот не ги исполнува условите од огласот. Дипломиран економист не е наведено во огласот, државјанството е старо од 1995 година, што може да се каже дека е неважечко – рече претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајковски.
На ова реагираше пратеничката од ДУИ, Арбана Пашоли која побара одговор од претседателот на Комисијата зошто во јавниот оглас е ограничен критериумот за образованието во однос на член 47 од Законот за енергетика.
– РКЕ е значајна институција за енергетскиот сектор и за заштита на јавниот интерес.
По член 47 од Законот за енергетика, кандидатот за претседател на РКЕ може да има образование во неколку различни области, но во огласот критериумите се ограничени само во електротехничкиот дел и тоа создава неусогласеност меѓу огласот и законот, рече Пашоли.
Сајковски појасни дека согласно член 47 од Законот за енергетика, РКЕ ја сочинуваат седум члена од кои еден е претседател, а досегашниот претседател Бислимоски бил магистер по електротехника.
Без разлика на исходот едно е сигурно дека новиот претседател на комисијата го чекаат жешки теми – од цената на струјата до новите лиценци за обновливи извори. Собраниската процедура е во завршна фаза, а јавноста очекува стабилност во сметките, без оглед на тоа кој седи во претседателската фотелја на Регулаторната комисија за енергетика.

