80 општини доставиле 357 проекти за капитални инвестиции, следува нивна евалуација
До крајот на месецот ќе се знае кои проекти на кои општини ќе се финансираат со државни пари. Заврши јавниот повик за 250 милиони евра за капитални инфраструктурни проекти во општините ширум земјава.
Подобрување на водоводната, канализационата, патната инфраструктура, подобрување на капацитетите за почиста и поздрава животна средина, но и да се интервенира во делот на образованието, ова е главната цел на овој јавен повик, потенцираше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој е задоволен од бројот на општински апликации за владините пари.
Ризик од воспоставување клиентелистички однос помеѓу централната власт и локалните самоуправи постои, но доколку проектите се контролираат од надлежните институции тогаш нема пречка за нивна реализација, тврди за 24, поранешниот член на Антикорупциска, Владо Ѓорѓиев.
Средствата ќе се доделат преку шесте ресорни министерства соодветни од областа на проектите, а евалуциски комисии за десет дена ќе одлучуваат за општинските проекти. Во првата фаза, до крајот на годината близу 100 милиони евра ќе бидат ставени на располагање на општините, а веќе од следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра, за кога е планиран и нов повик. Во минатото на неколку пати централната власт им ги бришеше милионските долгови на општините, кои беа направени од недомаќинското работење на градоначалниците.
Сега ова помош за проекти доаѓа во време кога партиите на големо се подготвуваат за локалните избори следната година.