80 години од депортацијата на македонските Евреи

За да има помирување, Бугарија треба да се извини за Холокаустот. Ваква порака, до Софија, испрати шефот на државата Пендаровски, на одбележувањето - 80 години од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка.

Потсетувајки на 1943та кога 7144 Евреи од Македонија биле депортирани во логорот на смртта , Пендаровски го постави прашањето - Дали денешните генерации имаат право да смируваат нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи?

- И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи. - изјави Стево Пендаровски претседател на Македонија.

Без директни пораки до официјална Софија, но со обединет став,  и власта и позицијата се согласија за една работа- никогаш да не се заборави, за да не се повтори. 

-  Гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен. Да го слушнат сите. Нивните животи можеби завршија, но нивниот дух е постојано со нас, да не потсетува и да не храбри. Злото на Холокаустот не смее да се повтори  - изјави Фатмир Битиќи вицепремиер за економски прашања.

И Мицкоски кој положи цвеќе на споменикот во поранешниот скопски Монопол,се огласи на фејсбук 

- Да извлечеме поука и да ја гледаме објективно историјата која ни кажува дека војната и непријателството го раѓа семето на злобата, уништувањето и заедничката несреќа. Таквиот геноцид е најцрниот настан во историјата на човештвото. Катастрофата од геноцидот никогаш да не се повтори, но и да не се заборави. - напиша Мицкоски.

А Претседателот на Еврејската заедница во Македонија, кажа дека идеите за уништување на Евреите сè уште постојат, затоа денеска повеќе од било кога е битна светската солидарност. 

Пепо Леви претседател на Еврејската заедница во Макеоднија - Вчера се навршија 80 години кога војската на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија им пресуди на невините Евреи. Хитлер, Мусолини и Цар Борис решија да уништат 98 отсто од еврејската популација во Македонија.

7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови. Често се прашувам дали 50 милиони жртви во Втората светска војна од кои 6 милиони Евреи, се научената лекција, за светот да живее во мир и демократија.