„8-ката“: Лекарски тим да ги провери пратениците дали користеле дрога

Собранието в понеделник да овозможи услови за посета на лекарски тим и доброволно тестирање на пратениците за да се утврди дали има злоупотреба на наркотични сретства кај нив е новата иницијатива која денеска пристигна во законодавниот дом од страна на независната Осумка од ВМРО-ДПМНЕ по случувањата со пратеникот Павле Богоевски и снимката која излезе во јавноста.

„Предлагаме и другите политичари, актуелни и поранешни функционери, административни службеници, судии, обвинители, градоначалници и советници да ни се придружат во намерата, и на нашите граѓани да им дадеме добар пример во борбата против (зло)употребата на наркотични сретства. Ги потикнуваме сите вршители на јавни функции да го направат истото доброволно.“

Владејачката СДСМ ќе остави институциите сами да се произнесат по однос на случајот со пратеникот Павле Богоевски. Пратеничката од СДСМ Јагода Шахпаска денеска посочи оти иницијативата на нивните колеги пратеници од Осумката ќе ја поддржат но за тоа ќе треба да се произнесе и собранискиот спикер Џафери.

Со порака на фејсбук се огласи и пратеничката Фросина Ременски која пак во насока на случајот со нејзиниот колега Богоевски посочи оти тој барем имал доблест да признае дека гласот на снимката е негов и не бега од одговорност. 

„Павле не негираше снимка и негов глас во стилот “сечено, лепено, монтирано” и имаше храброст да се пријави во полиција и во обвинителство за тоа што го порачал.“

Богоевски денеска во законодавниот дом присуствуваше на церемонија за доделување на награди но не сакаше да коментира за случајот пред камерите додека како што рече институциите не се произнесат за случајот. Во врска со иницијативата независната Осумка од ВМРО-ДПМНЕ, од кабинетот на Џафери во дописот до јавноста велат

„До Собранието стигна барањето, но нема правен основ според кој Претседателот и Собранието би можеле да ја реализираат иницијативата. Пратениците одат на редовни годишни систематски прегледи, кои се потврда за нивната здравствена состојба и тоа е регулирано со Законот за безбедност и здравје при работа. Претседателот не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања.

Кратко денеска во врска со случајот се произнесе и пратеникот од владејачката коалиција Самка Ибраимовски. Ова е веќе втора по ред иницијатива откако вчера коалицискиот партнер во власта ДУИ најави проект или така наречен ветинг за носители на јавни функции но не само за наркотични сретства туку тестирање во пошироки размери.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера симболично со метла и изјава пред законодавниот дом побараа премиерот Заев во т.н чистка да го стави и пратеникот Богоевски откако во јавноста протече аудио-снимката.