79 годишен велешанец, прв македонец кој ќе носи алка наместо да лежи во затвор
Лице на 79 годишна возраст од Велес е првото осудено лице во Македонија на кое му е изречен куќен затвор во траење од три месеци со електронска алка на ногата. Тој е осуден за сторено кривично дело, полово вознемирување.
Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов за Тв 24 вели дека по подготовка на индивидуална програма од страна на пробациски службеник ќе биде поставена опремата за електронски надзор на осуденото лице.
Александар Пандов-директор на Управа за извршување на санкции
„Имаме одделение во Управата за извршување на санкции за електронски надзор, кога ќе ја добиеме потврдно пресудата од судот, ќе појдеме и ќе се постави алката на осуиденото лице. Има најава, но ние во Управата ја немаме добиено пресудата за уште една пресуда во Битола и за затвореник кој е во странство осуден на куќен затвор, но е македонски државјанин и ќе биде донесен во Макеоднија. И кај него ќе биде поставена алката и ќе биде под, така да речам лектронски надзор.“
Директорот на Управата, Александар Пандов вели дека воведувањето на електронска алка треба да го намали притисокот врз затворите и да ги намали трошоците за извршување на санкциите.
Александар Пандов-директор на Управа за извршување на санкции
„Еден осуденик во Македонија, буџетот го чини околу 1 000 евра месечно, а над 400 000 илијади евра би било заштеда на месечно ниво. Имаме стотина луѓе кои се со А третман- кои сабајле во 7 часот излегуваат од затвор, а се враќаат во 17 часот, од понеделник до петок, имаат викенди. Се враќаат и не доцнат. Според мене, најправедниот начин како да ги растеретиме затворите е со самото тоа што лицата ќе бидат под надзор на пробациски службеници кои ќе ги надгледуваат и какви се додека се надвор.“
Алката ќе биде поврзана со централен систем за надзор кој ќе сигнализира доколку осуденикот го напушти дозволениот периметар, а службени лица ќе бидат задолжени да го следат движењето на осудените лица, а во случај на прекршување веднаш се вклучува аларм и ќе следуваат санкции. Во заподноевропските земји се практикуваат овие мерки, а праксата укужува дека е добро за затворениците, затворскиот систем и буџетите за самите држави. Заклучно со 1.9.2025 година 2205 лица издржуваат казна затвор, а има капацитет за 2113 лица.

