7-ми мај – ден на македонската полиција
„Да се биде полицаец е посебна чест и одговорност, бидејќи токму од него се очекува да биде бескомпромисен чувар на законот и јавната безбедност.“ - со вакви пораки денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го одбележа 7ми мај- денот на македонската полицијата. Во свечена атмосфера, со почести и благодарници, Спасовски говореше за реформите што ги направиле во ова поле, со кои вели државата почнала да се приближува до стандардите на Европската Унија.
„ Денес МВР веќе јасно ги има контурите на институција која што претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност како и на сигурноста и безбедноста на општеството во целина.“ - рече Спасовски.
Според независниот синдикат на полицијата пак, денеска нема што да се слави. Претседателот Гоце Делчев Тодев, денеска уште еднаш симболично покажа излитено полициско капче, кое вели најдобро го прикажува изгубеното достоинство на полицаецот и условите за работа.
“Не е момент каде што можеме да кажеме дека треба да славиме и прославуваме нешто, туку треба да ги засукаме ракавите. Мораме вистински да влеземе во проблемот и суштината на проблемот во делот на опремата односно опремата која ја имаат полицајците. Се уште недостасува огромен дел од опремата не е комплетирана опремата на секој полициски службеник кој сето тоа треба да го добие согласно правилникот. “ - вели Гоце Делчев Тодев.
Од Министерството за внатрешни работи пак, не навлегувајќи во бројки, тврдат дека во изминатов период посветено работеле на овие проблеми и дека се отворени за соработка со синдикатите. Тие пак, ќе им порачаат дека освен нова опрема, неопходен е и целосен ремонт на безбедносниот систем. А согласно преземените реформски обврски, за професионализација, а не партизација на институцијата, врвот на полицијата веќе најави и проверки и проветрувања и во редовите на МВР.

