6200 компании биле затворени минатата година според податоците на Централниот регистар
Foto

6200 компании биле затворени минатата година според податоците на Централниот регистар

6200 компании ставиле клуч на врата минатата година. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека во пандемиската 2020 година најголем дел од фирмите се затворени по службена должност, односно поради неактивност и не поднесување на годишни сметки. 500 отишле во стечај, а 1200 се ликвидирани по барање на сопствениците.

Стопанствениците велат дека дури 80% од згаснатите компании се микро, кои вработуваат до 10 лица.

Статистиката на Централниот регистар покажува дека ланската година не била најцрна и дека овие бројки се во рамките на просекот. Но очекувањата на бизнисот се дека најлошото може допрва да дојде, ако секне државната помош. А, тоа веќе станува извесно. За јануари нема законски основ за исплата на субвенции за плати.

„Субвенциите да продолжат и следните месеци. Исто така ќе побараме од Владата да најде начин и можност да обезбеди пари за субвенции за месец јануари за плати, зашто овој месец е најважен за да можат компаниите да продолжат да работат, да бидат ликвидни и да излезат на крај од пандемијата што се очекува со вакцинацијата на населението.“ - изјави Неби Хоџа, претседател на Стопанска комора на Северозападна Македонија.

И невладините организации ја советуваат Владата да продолжи со субвенции за плати, барем за првите три месеци од оваа година. Иако инфекцијата се намалува, меѓународните патувања се се уште отежнати. Вирусот ги држи затворени ноќните клубови, рестораните живуркаат, а туризмот како никогаш до сега дише на сламка.

Во изминатите месеци околу 66 000 работници добивале плата од државата, преку мерката за субвении. За да продолжи исплатата и во следните три месеци од државната каса ќе бидат потреби околу 50 милиони евра.

0 Коментари

Остави коментари