6 мај – Светски ден на хармониката
Foto

6 мај – Светски ден на хармониката

Во 2009-та година, Светската унија на хармоникашите (CIA), која е членка на Меѓународниот музички совет (IMC) одлучи 6 мај да го прогласи за Светски ден на хармониката. Причината токму овој ден да биде прогласен за ден на хармониката е датумот на кој пред 191 година (во 1829-та) за прв пат е патентиран инструментот.

Македонското здружение на хармоникашите „Љубители на класичната музика” - Скопје, кое е членка на CIA од 2001-та, беше еден од иницијаторите за воспоставување на меѓународниот проект „6 мај - Светски ден на хармониката“ и одбележувањето на роденденот на инструментот хармоника.

Здружението по овој повод, почнувајќи од 2009-та година, секоја година организира свечен концерт.

На концертот настапуваат реномирани уметници од земјата, како и ученици и студенти од класата на проф. Зорица Каракутовска. Фактот што за овој концерт секогаш се бара карта повеќе во изминатите единаесет години по ред, доволно зборува за неговото значење. Оваа манифестација во нашата земја прерасна во еден од значајните музички настани за класична музика.

Последниве години концертот е поддржан и преку националната годишна програма на министерството за култура.

Но, годинава поради пандемијата и одложувањето на сите културни настани периодов концертот нема да се одржи во редовниот термин. Тој ќе биде реализиран кога ќе се создадат услови за тоа. Организаторите велат:

- Со цел да не останеме должни на нашата верна и ценета публика, која со нетрпение го очекуваше овој концерт годинава, одлучивме да снимиме една кратка композиција и да го одбележиме роденденот на хармониката на малку поинаков начин, а сепак во меѓународни рамки. Се гледаме набрзо.

По повод денешниот датум, во неделата Телевизија 24 на својата програма го емитуваше минатогодишниот концерт, како убаво потсетување на прекрасниот настан.

0 Коментари

Остави коментари