50 години од формирањето на легендарната група „Леб и сол“

Педесет години „Леб и сол“ не се само јубилеј на една музичка група, туку јубилеј на еден културен феномен. На  1 јануари 1976 година се роди „Леб и сол“ синоним за автентичност, музичка слобода и интелигентна храброст. 

Влатко Стефановски и Бодан Арсовски заедно со Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан, покажаа дека „Леб и сол“ не припаѓаше во шаблоните на тогашната рок-сцена. Наместо имитација, тие избираат истражување; наместо компромис, сопствен звук. Инспирирани од светската џез-рок и фјужн сцена, но длабоко вкоренети во македонскиот фолклор, тие создаваат музика што звучи истовремено и локално и универзално.

По официјалното распаѓање во 1995 година, приказната накратко мирува, сè до големото реоформирање во 2006 година, кога „Леб и сол“ повторно ги обединуваат генерациите. Концертите во Хераклеа и Охрид не беа носталгија, туку потврда дека оваа музика сè уште комуницира – искрено, силно и современо.