4,4 милиони денари - свечено беа отворени реновираните оддели на клиничката болница во Битола

Вчера во Битола, свечено беа отворени реновираните простории на Службата за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (САРИЛ) како дел од клиничката болница „д-р Трифун Пановски“.

На свечената церемонија се обратија д-р Александар Обедниковски, директор на клиничката болница „д-р Трифун Пановски“, Марјан Бојаџиев, Голем Мајстор на Големата ложа на Македонија, како и министерот и заменик-министерот за здравство, Беким Сали и Владимир Рендевски.

- „Со министерот Сали, во Битола промовиравме сензорна соба во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, а во битолската клиничка болница отворивме реновиран Оддел за интензивно лекување, во рамки на Службата за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Станува збор за градежен потфат, реновирање на просториите во Одделот за интензивно лекување, соба за будење и санитарни јазли. Во оваа прилика, се заблагодарувам за донацијата на Големата ложа на Македонија, која со сопствени финансиски средства овозможи овој значаен оддел на клиничката болница да добие нов лик, но и услови со кои значително се подобрува здравствената заштита за пациентите на кои им е потребно интензивно лекување.“ - изјави заменик-министерот Владимир Рендевски.

Станува збор за најголема донација на братството (за време од пандемијата на коронавирусот) која се спроведува речиси две години. Кога отпочнаа активностите беа најстрогите анти-ковид мерки. Како што соопшија од Големата ложа на Македонија, се работело во исклучително тешки услови во активен оддел со пациенти. Донацијата која опфаќа целосна реконструкција на одделот се спроведе во соработка со Министерството за здравство, како и раководството на болницата.

Донациите се во износ од 4,4 милиони денари, а обезбедени од членовите на Ложата. Инаку, во последните години, Големата ложа на Македонија донираше материјали на Клиничкиот центар - Скопје, на почетокот на пандемијата донираше на браќата од Хрватска погодени од земјотресот во Глина и Петриња, а донираше и за потребите на народот во Украина.