350 илјади евра полицијата пронајде во ѕид од куќата на родителите на апелацискиот судија Ѓоко Ристов во Неготино

350 илјади евра. Толку пари пронајде полицијата заѕидани во ѕид. Станува збор за кеш, скриен во домот на родителите на апелацискиот судија Ѓоко Ристов во Неготино. Откриени се при претрес во рамки на истрага што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја води против Ристов.

Судијата е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, како и за корупција и трговија со влијание. Претресот е дел од поширока истрага која се води од декември 2025 година, а започна откако беше осомничен адвокатот Фехми Стафа за примање награда за противзаконито влијание. Од Обвинителството информираат дека предметот се води интензивно, без прекин, и дека станува збор за една од најопсежните постапки досега. Според полицијата, пронајдените пари се предмет на сомнение дека се незаконски стекнати и биле намерно прикриени.

„При претресот во соѕидан простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Постапувањето е како резултат на дејствија преземени во рамките на опсежната истрага на ОЈО ГОКК откако на 14 декември 2025 беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание. Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката.“

Од Апелацискиот суд Скопје потврдуваат дека судијата Ѓоко Ристов е на боледување од минатата недела. Неговата локација е непозната, а телефонот му е недостапен повеќе од еден месец. Досега не е поднесено барање за притвор, бидејќи Ристов ужива судски имунитет кој може да биде укинат само со одлука на Судскиот совет. Се сомничи дека примил мито преку адвокатот Стафа, а во име на неготинскиот бизнисмен Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој до скоро беше во бегство. Според неофицијални извори, при претрес му бил одземен мобилниот телефон, а се испитува и постоење на други локации со скриени пари. Обвинителството не открива повеќе детали за да не ја загрози истрагата.

„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот, за што навремено ќе информираме.“

Ѓоко Ристов е судија во Апелацискиот суд во Скопје од 2020 година и во изминатите години учествувал во неколку чувствителни предмети, меѓу кои и „Таргет–Тврдина“, „27 април“, „Трезор“ и други случаи поврзани со лица од политичкиот и бизнис естаблишментот. Во јавноста одамна постоеја гласини за неговата вмешаност во коруптивни дејствија, но досега тие не беа официјално потврдени.