35 години македонска економија

Три и пол децении по прогласувањето на независноста, животот во Македонија во многу нешта е  различен од оној во 1991 година. Три и пол децении независност донесоа историски одлуки, политички пресврти, но и големи предизвици пред сè во економијата, која во овој период, буквално “си играла” два чекори напред, еден назад. Инфлацијата во таа 1991 година била 110,8 насто, но тоа биле и добри денови во споредба со инфлаторниот удар што уследил во 1992 година. Тоа е период во кој државата го воспоставуваше сопствениот монетарен систем. Денарот беше воведен во април 1992 година и идната година ќе биде јубилејна за домашната валута. Ова е една од најголемите институционални промени во изминатите 35 години. Од економија која штотуку воспоставуваше своја валута до целосно самостоен монетарен и финансиски систем.

Никола Кљусев –„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар и еве задоволство ми е да видите како тие парични единици се печатени“.

Во пресвртната 1991 година, бруто-домашниот производ на Македонија, според историските податоци на Светската банка, изнесувал околу 4,94 милијарди долари, а населението броело 1,916 милиони жители. Тогашниот БДП бил на ниво од 2.578 долари по жител. 

Во меѓувреме, државата се соочи со низа економски и институционални проблеми, болна и криминална приватизација, армија стечајци, а денес е меѓу најсиромашните или поблаго кажано, меѓу земјите во Европа со понизок животен стандард. И сè уште го бара своето место под сонцето за развој и просперитет.

Своевремено, приватизацијата се „продаваше“ или оправдуваше со фразата „Богати поединци, богата држава“. Доста болен и неочекуван удар пак беше банкротирањето на дотогаш најдобрата и најсигурна штедилница во државата, ТАТ, за која и по 25 години од банкротирањето на штедилницата сѐ уште не се најдоа виновниците што ги ограбија штедачите. Епилогот од пропаѓањето на штедилницата и најверојатно најдолгиот стечај во државата се десетици извршени самоубиства, стотици изгубени животи како последица на депресиите и болестите од кои се разболеа по губењето на парите, илјадници необештетени штедачи.

Следуваше продажбата на големите енергетски капацитети ОКТА и ЕВН, што претставуваат два од најкрупните и историски најдискутираните процеси на приватизација во Македонија. Двата процеси се случија во различни периоди, под различни политички гарнитури и предизвикаа бројни контроверзии, арбитражни спорови и економски дебати.

Но, да не го заборавиме и трговското ембарго на Грција кон Македонија, кое беше во сила 18 месеци во периодот од 1994-1995 година. Истото еднострано го воведе Грција поради несогласување со името и државното знаме на Македонија со 16-крако сонце. Штетата што ја претрпе државата од грчкото ембарго, според проценките на економските експерти, изнесуваше околу 2 милијарди долари. 

Најновиот удар врз македонската економија го зададе ковид кризата. Иако пандемијата започна да се чувствува во неколку економски сектори – првенствено туризмот, угостителството и малопродажбата – за кратко, таа се прошири низ целата економија.

Низ годините пазарната вредност, стабилноста на валутата и цените на производите драстично се разликуваат. Додека во 90-тите години Македонија се соочувала со хиперинфлација и транзиција, во 2025 година се забележува номинално повисока плата, и стабилен курс, но под притисок од растот на трошоците за живот.

Просечната нето-плата по вработен во 1993 година изнесувала 3.782 денари, додека во 2025 година изнесувала 45.198 денари, а последните податоци покажуваат дека таа изнесува речиси 50.000 денари. Но, повисоката плата не значи автоматски и пропорционално повисок животен стандард. Во изминатите 35 години пораснаа и цените, особено на домувањето, храната и услугите. Затоа вистинската споредба не е само „колку денари заработувал човекот тогаш и колку денес“, туку колку производи и услуги можел да купи со една просечна плата. 

Економијата се смени, но населението се намали. Во 1991 година Македонија имала околу 1,916 милиони жители, а официјалната проценка за крајот на 2025 година покажува 1,819 милиони жители. Тоа е околу 97 илјади жители помалку во однос на почетокот на независноста. 

И токму на денешниот празник уште една честитка за граѓаните – дизелот повторно над „стотка“,  а новите цени на горивата значат и нов удар врз џебот на граѓаните. Па да заклучиме, славиме 35 години економска независност, со прашањето - можеше ли подобро???