33-то издание на фестивалот „Охрид фест“ годинава со многу ѕвезди

Охрид фест или Охридски трубадури. Фестивал кој започна скромно за да прерасне во еден од водечките фестивали во земјата. Од самиот старт, замислен како фолк фестивал, подоцна ја воведе и забавната вечер, потоа и интернационалната.

Во 1994 година стартуваше фестивалот, а неговата концепција ја претстави главниот основач и долгогодишен уметнички директор познатиот македонски композитор Григор Копров. 

Името „Охридски трубадури“ е инспирирано од традиционалните охридски староградски тајфи и музичари (трубадури) кои со векови твореле во градот. Фестивалот уште од почетокот направи спој меѓу традицијата и модерното, а во годините што доаѓаа фестивалот прерасна во интернационален настан, привлекувајќи големи музички ѕвезди од целиот Балкан.

На фестивалот продефилира многу домашни и интернационални ѕвезди. Тоше Проески во 1998 година, токму на „Охрид фест“  ја отпеа  „Усни на усни“, со која го освои тогашното жири и ја најави својата блескава кариера. На сцената на Долни Сарај низ годините настапувале легенди како Каролина Гочева, Калиопи, но и регионални ѕвезди како Јелена Томашевиќ, Жељко Самарџиќ, Владо Георгиев, Хари Варешановиќ и групата „Магазин“.

Фестивалот успешно го издржа тестот на времето, опстојувајќи како клучна точка за македонската забавна и народна музика. Наградите на „Охрид фест – Охридски трубадури“ беа доделувани во неколку категории, од стручното жири и од публиката.

На првото издание во август 1994 година, на „Охридски трубадури“, првата награда од публиката ја доби Ленче Дедејска (подоцна Кукиќ) со легендарната „Течете солзи“, а првата награда од жирито ја доби Горан Кукиќ со песната „Дали има пиле шарено“. Фестивалот на некој начин беше и нивен Купидон кој ги спои на професионален и приватен план.

Со воведувањето на поп вечерта во 1997 година и интернационалната вечер во 2003 година, фестивалот лансираше хитови кои денес се сметаат за евергрини. Спектакл на Долни Сарај се случи на 23-то издание на фестивалот во август 2016 година, кога култната евро-диско група „Бони Ем“ ја крена публиката на нозе со нивните безвременски светски хитови (како „Rasputin“, „Daddy Cool“ и „Rivers of Babylon“).

На сцената продефилирале екс-ју легендите како Дадо Топиќ, Јелена Томашевиќ, Гоца Тржан, Владо Георгиев, како и словенечката поп-дива Нуша Деренда.

Минатата година, лауреати на фестивалот беа Мишко Крстевски со автобиографската песна „Соња“ кој ја освои првата награда од публиката и Ивана Серафимовска за изведбата на песната „Се ми се познава“ која беше наградена од жирито. 

Низ повеќе од три децении постоење на „Охрид фест“, на неговата сцена настапија голем број легендарни македонски и балкански изведувачи кои денес, за жал, веќе не се меѓу живите, но зад себе оставија незаборавни евергрини Тоше Проески, Есма Реџепова – Теодосиевска, Гоце Арнаудов. Од балканските ѕвезди на фестивалот настапија и Милан Бабиќ, Бора Ѓорѓевиќ (Бора Чорба), Аки Рахимовски. Иако физички заминаа, нивниот дух преку музиката продолжува да живее на сцената на Долни Сарај.

Годинешното издание ќе се одржи на 26 август со Фолк вечерта и на 27 август со Интернационалната вечер.

Годинава на фолк вечерта ќе настапат Перо Христов, Кате Брезева и група Соната, Елена Андоновска, Мишко Крстевски, Смиља Митревска, Благица Калева, Горан Тодоровски, Анета Љумаковска и Анета Бенд, Драган Николовски – Даце, Петар Нечовски, Ивана Серафимова, Ангела Влинтовска.

Од интернационалните ѕвезди годинава на втората вечер ќе ги видиме Владо Калембер и „Сребрени крилја“, Принцот од Врање, Дадо Топиќ, Сузана Манчиќ, Наташа Михајловиќ, Валдера, Броз и Марама, дует Моротови, Биба Додева, Ана Петановска.

Водителка на интернационалната вечер ќе биде Марјана Станојковска, а на фолк вечерта Ирена Спировска.