30-Години од падот на Берлинскиот ѕид и уривањето на железната завеса
Foto

30-Години од падот на Берлинскиот ѕид и уривањето на железната завеса

Берлинскиот ѕид, кој повеќе од 28 години беше симбол на поделба од времето на Студената војна на комунистички исток и капиталистички запад, беше урнат точно пред 30 години. На централната прослава во германската престолнина, во т.н. Капелата на помирувањето, која се наоѓа на местото на некогашниот еродиран простор од Берлинскиот ѕид, се обрати Канцеларката Ангела Меркел која порача дека светот треба да се обедини во борбата против омразата, расизмот и антисемитизмот и ги повика граѓаните да продолжат да се борат за своите права. 

„Не постои таков ѕид, не знам колку широк и висок што не може да се пробие. На ова место беше Црквата на помирување, која беше урната од властите , затоа што пречеше во граничната контрола на Западен Берлин. Тоа не беше ништо повеќе од чин на омаловажување на човечкото достоинство. Денес се потсетуваме на оние што беа убиени на ѕидот само затоа што сакаа слобода“ - вели Ангела Меркел – канцелар на Германија.

Пред вечерашното обраќање од големиот собир пред Брандербуршката порта, во текот на денот се обрати и германскиот претседател Франк Валтер Штајмаер, кој порача дека мирната револуција во Источна Европа е заслуга на Полска, Чешка, Унгарија и Словачка

„Без храброста на луѓето и поддршката од страна на Полска, Чешка, Унгарија и Словачка, мирната револуција во Источна Европа и во Источна Германија (ДДР), ќе беше невозможна. И сега ние можеме да кажеме дека живееме сите заедно слободно во Европа“ - рече Франк Валтер Штајмаер – претседател на Германија.

Штајнмаер упати писмо до поранешниот советски лидер Михаил Горбачов во кое му се заблагодари за неговата улогата во обединувањето на Германија. Бетонскиот ѕид што се протегаше на 155 километри во должина и претставуваше граница меѓу Источна и Западна Германија беше изграден во 1961 година. 

Ѕидот, како симбол на Студената војна и границата помеѓу Истокот и Западот, започнаа да го рушат луѓе со чекани и длета на 9-ти ноември 1989 година отворајќи неофицијален премин меѓу поделената Германија и на тој начин симболично ставајќи крај на децениската геополитичка тензија. 

Падот на Берлинскиот ѕид за милиони луѓе од Истокот претставуваше, како што веруваа, сигурен пат кон слободата и повисок животен стандард. За Западот, пак, тоа беше крај на историјата, доказ дека неолибералниот капитализам и демократијата се последен стадиум во општествено-политичкиот развој.

0 Коментари

Остави коментари