30 години од атентатот врз претседателот на независна Република Македонија, Киро Глигоров
Пред 30 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски.
Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран. Остана непознато кој стоел зад атентатот, а истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена. Отсуството на епилог да се дознае вистината, низ годините беше повод за многубројни меѓупартиски препукувања дури и вперување на прст во одредени личности но без потврдување на вината.
Универзитетскиот професор, Цане Мојаноски вели дека обидот за атентант беше обид да го ликвидираат Киро Глигоров и да го исклучат од општествениот, политичкиот и културниот живот.
По завршување на изборниот процес, професорот Мојаноски вели дека ќе се организира науучно стручна конференција каде ќе се бара одговор што всушност е идентификувано од безбедносен аспект и по 30 години од атентатот.
Во истрагата беа претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени. МВР изврши повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметаше дека се можни сторители на атентатот, но сите тие беа пуштени по испрашувањата.
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.

