30 дневно примирје: ЕУ го поздрави исходот од американско-украинските разговори во Саудиска Арабија

Кремљ не ја исклучува можноста за скорешен телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп по американско-украинските разговори во Џеда на кои Киев се согласи да прифати непосреден 30-дневен прекин на огнот во конфликтот со Русија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија очекува да добие информации за деталите од разговорите во Џеда со САД.

Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ: „Не исклучуваме дека може да се појави тема за телефонски разговор на највисоко ниво. Доколку се појави таква потреба, тоа ќе се организира многу брзо“. 

И американскиот претседател Доналд Трамп, очекува разговор со рускиот претседател Владимир Путин во текот на неделава. Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за „конструктивноста на разговорите меѓу тимовите“. 

Володимир Зеленски – претседател на Украина: „Украина е подготвена за мир. Русија мора да покаже дали е подготвена да ја запре војната или да ја продолжи. Време е за целосна вистина“.

Европската Унија ја поздравува заедничката изјава на Украина и САД по нивниот состанок во Саудиска Арабија, се наведува во писмената изјава на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. 

Каја Калас -  висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика: „Европската унија е подготвена целосно да ја одигра својата улога во поддршката на претстојните чекори, заедно со Украина, САД и другите партнери“.

Украинската и американската делегација на средбата во Саудиска Арабија разговараа за сите прашања поврзани со процесот на завршување на војната, изјави Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на украинскиот претседател. 

Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на украинскиот претседател: „Тоа беше многу добар, суштински и значаен разговор. Вистински разговаравме како партнери кои беа заедно од првиот ден на руската агресија.  Разговаравме и за сите прашања поврзани со процесот на завршување на војната со праведен мир“.

Францускиот претседател Емануел Макрон им се придружи на светските лидери во поздравувањето на одлуката на Украина да прифати привремен 30-дневен прекин на огнот во војната која, како што рече, Русија ја почна пред три години.

Емануел Макрон – претседател на Франција: „Топката сега јасно е на руската страна. Франција и нејзините партнери остануваат посветени на постигнување цврст и траен мир“. 

На ден откако Киев ги прифати условите за прекин на огнот се уште траат воените дејтсвија меѓу Москва и Киев, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва нема да прифати присуство на војници на НАТО во Украина како мировници под никакви услови.